ИНТЕРВЈУ МАРКО КИЗИЌ: Голманите се чудна „раса“, кога некој те мава со топка, а ти не бегаш, мора да ти фали нешто!

Голманската позиција е можеби единствената во машкиот репрезентативен ракомет за која ниту со години наназад, а ниту во иднина нема да мора да се грижиме. Претходно беа Ангелов и Ристовски, сега се Митревски и Томовски, а 20-годишниот Марко Кизиќ е момчето кое трпеливо работи и чека да дојде неговото време. Детето на Вардар од сезонава одлучи да ја смени средината и да замине во Битола каде во следните три години ќе го чува голот на Еурофарм Пелистер. Многумина му замеруваат што го напушти матичниот клуб, но тој е сигурен дека го направил вистинскиот потег во кариерата.

Ракометната приказна на Марко Кизиќ започнува пред една деценија кога како 10-годишно момче ги следи стапките на својот постар брат, Никола Кизиќ, кој исто така е ракометен голман. Првите три години е дел од ракометната школа за Зоран Петковски и прво ќе се проба како играч (лев, среден, десен бек – без одредена позиција). Потоа преминува во пионерската екипа на Вардар водена од Горан Стојков, каде одново поради „бато“ го наоѓа своето место меѓу диреците. Уште тогаш е „пикиран“ од Стојан Петрушевски, кој го вклучува во вториот вардаров тим, Вардар Јуниор каде ќе настапува во Суперлигата.

На само 16 години Раул Гонзалез ќе го забележи неговиот потенцијал и ќе го земе на подготовки со првиот тим на Вардар, за кој и ќе брани на пријателски меч со Рајн Некар Левен во Германија и ќе запише пет интервенции. Тоа е првиот момент кога Марко ќе блесне, иако ќе му биде потребно време и докажување и кај Роберто Парондо и кај Давид Писонеро, Едуард Кокшаров и Стевче Алушовски додека да добие вистинска шанса. И кога конечно се доби впечаток дека „малиот“ Кизиќ созреа и (особено поддржувачите на Вардар) гледаа на него и на Мартин Томовски како тандем кој ќе го чува „црвено-црниот“ гол, а подоцна и голот на националниот тим, тој замина во Битола.

Дури и првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски потенцираше во интервјуто за 24ракомет дека му е жал и смета дека е грешка што Марко Кизиќ се одлучува на таков чекор да замине од клубот каде што израсна. Но, голманот има поинаква визија за себе.

„Дилемата беше голема, но едноставно одлучив да ја сменам средината. Добив убава понуда од Еурофарм Пелистер со можност за докажување и поголема минутажа, која не сум сигурен дека ќе ја имав во Вардар како што ја имам во Битола. Вистина е дека имаше поделени мислења и секакви коментари, но на крајот на денот одлуката е моја. Сметам дека ова е шанса да пораснам и како голман и како играч. Немавме многу натпревари досега, но се чувствува дека сум во план на тренерите, сакаат да бранам и да напредувам и засега стојам на ставот дека не згрешив и дека ја донесов вистинската одлука. Имам поддршка од Жељко Бабиќ, одлична соработка со Ице Соколески и се надевам дека и времето ќе покаже дека го направив вистинскиот чекор во мојата кариера. Три години можеби делуваат предолго на хартија, но тоа не мора ништо да значи се додека ми е добро во Битола. Не се оптоварувам однапред, оставам работите да течат. Тренирам, се вложувам и работам на себе и најважното, сега за сега чувствувам дека Пелистер е вистинската средина за мене“, објаснува Марко Кизиќ.

РИСТОВСКИ И БРАТ МИ МИ БЕА СОВЕТНИЦИ

Да се напушти матичниот клуб и родниот град не било лесно за Марко, иако Битола е на два часа од Скопје, а единствени совети кои ги послушал и кои му биле важни се оние на Борко Ристовски и на неговиот брат Никола.

„Од соиграчите зборував единствено со Борко (Ристовски) и тој ми рече ’Не сум сигурен во твојата одлука и мислам дека грешиш’, но истовремено ми потенцираше дека тоа е моја одлука и дека јас треба да го направам она што сметам дека е најдобро за мене. Се консултирав и со брат ми, Никола, кој ми посочи дека нема да ми биде лесно, нов град, нова средина, нов клуб, излегувам од комфорна зона и од се она што го знам досега, но истовремено ако добијам шанса за докажување и напредување тоа е понуда што не се пропушта.“

Како оди адаптацијата во Битола?

„Не сум баш како дома, но полека доаѓаат работите на свое. (се смее) Убав е животот, нема голема разлика – иста држава, ист јазик. Луѓето со кои контактирам надвор од ракометот убаво ме прифатија, во тимот исто така. За нас голманите и не е толку тешко, ние сме посебен вид.“ (се смее)

НЕ ТРЕБА ДА СЕ РАЗОЧАРУВАМЕ ОД МОМЕНТАЛНИТЕ РЕЗУЛТАТИ

Околу три месеци Кизиќ е дел од Еурофарм Пелистер, кој имаше добро отворање на домашната сезона – го освои Супер купот и во Суперлигата има само еден пораз од бранителот на титулата Вардар. Но, тимот комплетно потфрли на отворањето на сезоната во Европската лига неделата и тоа пред својата публика.

„Уф, тоа беше тежок меч! По така одигран натпревар нормално е грешката да ја бараш во себе си, а ние го правиме тоа. Јасно ни е дека потфрливме и разочаравме. Ним има екстремно квалитетна екипа која си го одигра своето и ни одржа лекција. Ние анализираме, имавме состаноци и се обидуваме да извлечеме поука. Сепак ова е само еден меч, прв меч! Не е крај на светот, сезоната ќе биде долга и имаме уште многу за играње“, смета Марко Кизиќ и додава: „Треба време да влеземе во ритам, да тргне работата, не може ништо преку ноќ! Прво е работата, а потоа доаѓа резултатот. Тоа не може да се форсира и не треба да се разочаруваме кога ќе ги видиме моменталните резултати. Следниот противник Кадетен ни е шанса за поправен. Мора да го заборавиме Ним, колку и да е болно тоа за нас, и да се вратиме. Поразот го оставаме зад нас, да се соземеме, да анализираме и да работиме, и да го подобриме впечатокот за следниот натпревар. Во Европската лига се гледаме меѓу најдобрите 16 екипи и кон тоа треба да целиме. Дома… Покрај Супер купот да успееме да земеме (најмалку) уште еден трофеј.“

И ВО СКОПЈЕ И ВО БИТОЛА СЕ „УМИРА“ ЗА РАКОМЕТ

Голманот ја има привилегијата да ужива во поддршката на публиката и во Скопје, кога беше играч на Вардар, но и сега во Битола како дел од Еурофарм Пелистер. Вели дека атмосферата во салата не се споредува, но и едните и другите покажуваат колку многу го сакаат клубот и ракометот.

„Не би ги споредувал! Двете се навистина убави, имаат иста страст, но посебен шарм. Во Скопје тоа беше неверојатно, но и она што се случуваше во вторникот во Битола – не знам. Можеби затоа што долго време не сум играл пред публика, но ми донесе посебно чувство. И тука се гледа, се чувствува колку луѓето го сакаат ракометот и живеат за клубот и подготвени се да направат сè за тимот.“

ПЕРИЌ НАЈМНОГУ СЕ БОРЕШЕ ЗА МЕНЕ

Со само 20 години Кизиќ може да се пофали дека е еден од ретките кој имал привилегија да го дели голот и да учи од најдобрите, почнувајќи од Арпад Штербик, преку Борко Ристовски, па се до Мартон Секељи. Што се однесува до тренерите, Дејан Периќ го посочува како човек кој најмногу му помогнал.

„Имав таква привилегија, од првата сезона кога Раул ме зема на подготовки во Крањска Гора, па подоцна со двојна лиценца тренирав со Милосављев и Гедбан, потоа Кугис, последната сезона Ристовски и Кантагрел… Од сите нив се обидував да крадам по малку, иако факт е дека ние голманите сме специфични, секој си гради свој стил. Во периодот минат во првиот тим на Вардар многупати се чувствував дека добивам шанса само затоа што друг играч е повреден и тоа не беше баш убаво чувство. Не е дека не бев ценет, но ситуацијата беше поинаква. Во тим со високи дострели и желби беше малку комплицирано за тренерите да се потпрат на 18-19-годишен голман и беше тешко да се пробиеш во таква средина. Најголемата поддршка ја имав од Дејан Периќ, во тие три сезони кога работевме заедно. Тој се бореше за мене. Беше одличен ментор и од него многу научив и напреднав, не само во ракометот, туку и во животот и општо што значи да си спортист, човек. Ми беше тешко кога си замина од Вардар зато што со исклучок на него и сега Ице (Соколески) не сум имал толку блиска соработка со друг тренер. Веќе реков, ние голманите сме посебни и немаме толку комуникација и соработка со главниот тренер колку што имаме со тренерот на голманите и затоа врската со нив е посебна.“

ПОДДРШКАТА ОД КЛУПАТА ГО ХРАНИ ЕГОТО

Неколкупати напомена дека голманите се специфични, што значи тоа за тебе?

„Некој да те мава со топка и ти да не бегаш, мора да ни фали нешто! (се смее) Ние сме во различна позиција од останатите играчи и спецификата на позицијата си го прави своето. Посебно се подготвуваме, тргнати на страна и делуваме позабегано на моменти (се смее) Веќе реков секој голман си е специфичен, има свој стил и се труди да го надогради. Јас сум си посебен. Според мене најважното за еден голман е да работи на себе од психолошки аспект, сам да си ги согледа грешките и да ги корегира, иако тоа е тешко. Затоа што движењата се механички и потребен е голем труд и упорност за да смениш нешто кај себе“, објаснува чуварот на мрежата и додава: „Исто така многу значи поддршката. И онаа која голманите си ја даваат еден на друг, но и од клупата, кога ја слави секоја твоја одбрана. За еден голман е многу важна самодовербата и кога ќе видиш како цел тим слави за тебе тоа го храни егото, дава мотив, те крева дополнително и тоа е многу значајно на еден натпревар.“

Каква е соработката со Мартон Секељи со кој делиш минутажа во Еурофарм Пелистер?

„Има прифатено многу од балканскиот менталитет затоа што бил соиграч со многу Балканци во Веспрем. Интересен е, специфичен (се смее), добар човек и најважното е дека имаме одлична соработка. Изградивме пријателски однос и во таква ситуација е многу лесно да се соработува. Да си помагаме. На секоја моја одбрана се радува како да е негова и тоа е она што ја прави целината.“

РЕПРЕЗЕНТАТИВНИОТ ДРЕС ТРЕБА ДА СЕ ЗАСЛУЖИ

Марко Кизиќ во изминативе години беше дел од кадетскиот и младински национален тим со кој има настапи на три Европски шампионати во Б дивизија, меѓу кое и она во Скопје кое го освоија, додека последен настап во овие категории имаше на Светското првенство во 2019 во Скопје. Константно е на поширок список на А националниот тим, има настапи и на неколку пријателски натпревари, но се уште чека официјално деби за најдобрата селекција. Но, не брза никаде!

„Шансата да се игра за репрезентација треба да се заслужи. Јас се трудам и работам за да си го заслужам мојата шанса. Си го чекам редот, да дојде моето време. Во добар однос сум со сите, имавме убава соработка летово и со Никола Митревски, кој имаше функција и на тренер на голмани во Б репрезентацијата, со Томовски исто, секогаш се тука како поискусни и со побогати кариери да помогнат да ми дадат совет и да работиме заедно. Немаме редовна комуникација, но кога станува збор за репрезентацијата сите се ставаме во функција. Мотивот е голем, но реков не брзам. Работам на себе и чекам да дојде мојата шанса. Прва цел ми е да станам стандарден сениорски репрезентативец на Македонија, а потоа ќе мислам на поголемата слика.“

КЕЛН Е ВРВОТ, ЦЕЛАМ НАТАМУ

Кизиќ ја откри желбата на репрезентативен план, а како играч кој веќе почувствувал што значи да се биде дел од Ф4 во Лигата на шампионите во Келн, потенцира дека на клупски тоа е она кон што цели – да се врати во „Ланксес Арената“.

 

„Таа сезона кога Вардар по вторпат стана европски првак бев дел од делегацијата во Келн. Морам да признаам дека дискутабилно е колкав и каков придонес имав за таа титула (се смее) со оглед на бројот на настапи, но искуството е уникатно. И кога на 18 години ќе го видите и доживеете тоа, за кое немам зборови да го опишам сфаќате кон што треба да целите во кариерата. Тоа е врвот! Големината на целиот настан, искуството, полна Арена, фанови, се делуваше толку нереално. Таму е врвот на ракометот и ќе целам одново да се вратам!“

Разговорот со нашата голманска надеж го завршивме за планови за слободното попладне. Во скромното слободно време што го има игра шах, на интернет или кога е дома, со татко му на табла. Интересно е што порано правел скечеви на фиктивни ликови, хоби кое сега поретко го применува. И најинтересно – не сака да се фотографира, па затоа приватните слики ќе изостанат во ова интервју.