Македонските интернационалци во Бундес лигата ги одиграа своите натпревари од првото коло. Филип Кузмановски, Жарко Пешевски и Филип Миркуловски со своите тимови беа поразени на стартот на новата сезона.
Филип Кузмановски со Хановер беше поразен на домашен терен од Рајн Некар со 24:28. После првите 30 минути гостите имаа 11:16 и без многу проблеми стигнаа до победата. Кузмановски имаше солиден настап и постигна три гола и имаше две асистенции.
Жарко Пешевски одигра одличен натпревар за Штутгарт но и покрај тоа неговиот тим загуби на гостувањето кај Магдебург со 33:29, а на полувреме беше 16:15. Репрезентативниот пикер имаше перфектна реализација со шест гола од шест удари и беше втор стрелец во својот тим.
Филип Миркуловски со Вецлар загуби од Фуксе Берлин 29:24 на гостински терен иако на полувреме имаа предност од еден гол, 13:14. Миркуловски немаше учинок на овој натпревар.
Во следното коло Вецлар го пречекува Лемго, Хановер игра на свој терен против Бергишер, додека Штутгарт ќе се сретне со Гепинген.