Утре стартува меѓународниот турнир “Ѓорче Куп 2021”, со учество на три македонски екипи, две српски и младинската репрезентација на Чиле на отвореното игралиште покрај “Камин Кама”.
Учесници ќе бидат домаќинот Ѓорче Петров, Деспина и Вардар, Јагодина и Бор, како и Чиле. Овој турнир влезе во календарот на Ракометната федерација на Македонија и ќе се игра на герфлор.
“Планот е овој турнир да биде традиционален и да се игра секоја година. Утринските натпревари ќе се играат во салата “Христо Батанџиев”, додека вечерните ќе се играат на отвореното игралиште “Камин Кама”. Планот е овој турнир да прерасне во традиција и да го заживее женскиот клупски ракомет во Македонија”, вели легендарната Милева Велкова, дел од стручниот штаб на Ѓорче Петров.
Тренерот Оливер Димитриоски вели дека клубот ќе ги искористи овие натпревари за подобра подготовка за новата сезона во Женската лига.
“Нашиот ростер е затворен. Работиме од 3 август, не сме доволно воиграни и ќе ни треба време да се воиграме доволно за да го покажеме нашиот квалитет. Овие натпревари добро ќе ни дојдат пред стартот на сезоната во Женската лига. Јас сакам да видам до кај се со физичка подготовеност, до каде може да одиме. Тоа што досега го гледам на тренинзите е позитивно”, вели Димитриоски.
Во екипата на Ѓорче Петров од ланскиот состав остануваат и Ива и Ања Велкова, Ангела Цветановска, Ива Петровска, Ивана Антевска, Вероника Домазетоска и Анастасија Трпеска, а дојдоа уште неколку засилувања.