Една од најдобрите ракометарки на сите времиња, Анита Горбиц после 24 години активна сениорска кариера ја заврши играчката кариера. Целата ја мина во еден клуб и играше исклучиво за составот на Ѓер.
Кариерата ја заврши со победа против Мосонмаѓаровар од 26:20, а Горбиц постигна три гола. Тоа беше симболична завршница на најзината кариера. Инаку, најавено е дека дресот со број 13 ќе биде повлечен и повеќе нема да биде носен од друга ракометарка на Ѓер.
Почна во 1997 година и со Ѓер успеа да стигне до големи успеси. Од 2002 година стана и репрезентативка на Унгарија со која исто така имаше успеси бидејќи учествуваше на голем број на шампионати.
Како ракометарка на Ѓер, таа 14 пати беше шампион на Унгарија, а по четирипати завршуваше на 2. и на 3. позиција. Во Купот на Унгарија има 15 трофеи, но и четири загубени финалиња. Покрај ова е и една од најтрофејните во Лигата на шампионите бидејќи во осум финалиња има освоено пет трофеи. Инаку, има учествувано на 12 завршни турнири. Воедно има едно второ место во КПК, како и три загубени финалиња во Купот на ЕХФ.
Со репрезентацијата на Унгарија има сребрен медал во 2003 година и бронзен во 2005 година на Мундијалите. Има и две бронзи од Европските првенства во 2004 и 2012 година. Освои сребро и на јуниорското Светско првенство во 2001 година.