Машката репрезентација на Македонија ја очекува последниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Голманот Никола Митревски исто така посакува победничка одјава од овој квалификациски циклус.
„Со оглед на тоа дека успешно ги завршивме овие квалификации и имаме пласман на ЕП, единаесетто големо натпреварување по ред за Македонија, ни останува уште последниот меч кој за нас нема резултатски значење, ама нема ништо послатко од победа со репрезентативниот дрес. Сите сакаме да победиме и се подготвуваме за тоа, добиваме доста податоци од стручниот штаб што и како треба и мислам дека ќе бидеме доволно подготвени да прикажеме добра и солидна игра, за да го крунисаме циклусот со победа“, вели Митревски.
Тој вели дека треба голема ангажираност во одбраната за да се запрат нападите на швајцарската селекција.
„Швајцарија покажа и на СП дека доста напредува, имаа доста добри натпревари, сега исто така и со Данска. Не се светска велесила, но имаат искусни играчи кои знаат што прават и што сакаат во напад. За да одговориме на нападот на Швајцарија ќе мора многу ангажираност за да се запрат нивните напади. Имаме уште ден-два да ги завршиме тие договори и таткички замисли на стручниот штаб, како треба да изгледа нашата одбрана. Се надеваме дека во дуелот со Швајцарија тие промашувања со Финска ќе ги поправиме и ќе ги погодиме и ќе бидеме поефикасни во завршницата“ , вели Митревски.
Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија се игра на 2 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.