Задоволството од првата победа на Металург во плејоф-фазата на македонското првенство беше засенето од сериозната повреда на Марко Тарабокија, кој настрада по стартот на Филип Арсеновски.
Тоа се случи во 9. минута од средбата, а страдаше лактот и чашката на левата рака на босанскиот репрезентативец, кој со амбулантно возило беше префрлен в болница.
Му беше извршен оперативен зафат и потврдено е дека не се работи за фрактура, туку за дислокација, што е подобрата варијанта. Тој веќе е на домашно лекување, а по спаѓањето на отокот ќе се направи магнетна, која ќе покаже во каква состојба се лигаментите и колкава ќе биде паузата.
Засега нема прогноза колку долго ќе биде отсуството на Тарабокија, но прашање е дали Металург ќе може да смета на овој извонреден ракометар до крајот на сезоната, што би било голем хендикеп за тимот на Иван Марковски.