Во дербито на 3. коло од плеј-офот во Супер машката лига, Вардар успеа да го совлада составот на Еурофарм Пелистер со убедливи 35:27 и најави дека титулата во македонскиот шампионат повторно е најблиску да остане во Скопје.
До конечната завршница има уште многу, а вардарци ги очекува и гостување во Битола, но со играта која ја прикажаа денес потврдија дека сè уште се класа за себе.
Одличниот настап во „Јане Сандански“ беше шлаг на тортата за избраниците на Стевче Алушовски по низата променливи резултати, а сигурно најсреќни се Иван Чупиќ и Филип Талески кои денес и утре ги слават своите родендени.
Весело беше во соблекувалната на Вардар по натпреварот. По некој пијалок, закуска и славеничка торта. Победата против Еурофарм Пелистер значи многу за самодоверба и опуштање пред искушенијата во 1/8 финалето на Лигата на шампионите.
Иван Чупиќ го прославува својот 35. роденден, додека македонскиот репрезентативец Филип Талески утре ќе наполни 25 години.Подобра честитка од колегите во Вардар не можеа да посакаат!