Подравка донесе уште две засилувања

Екипата на Подравка денес промовираше уште две нови засилувања за следната сезона. Станува збор за искусната ракометарка, Сара Шенвалд која во Копривница ќе пристигне од бундеслигашот Некарсулмер.

Репрезентативката на Хрватска на почетокот на нејзината кариера своите почетоци во ракометните води ги имаше токму во Подравка. Со одличните партии и желбата за докажување се пресели во Локомотива Загреб и таму настапуваше четири сезони. Оваа сезона се покажа во одлично светло со настапите низ Германија, причина поради која беше цел на нејзиниот нов клуб.

На позиција пикер, Подравка ангажираше уште една ракометарка. Репрезентативката на Украина, Ирина Стелмак во следната сезона ќе го носи дресот на Подравка. Украинката моментално е член на рускиот тим Астраханочка. Освен за Астраханочка има настапувано и за Галичанка и Гомел.

Со новите засилувања, Подравка веќе го комплетира тимот за следната сезона. Во Подравка нови ракометарки ќе бидат и Лариса Калаус, Бјанка Базалиу и Дијана Илина.