Ракометарите на Вардар на првиот натпревар после ЕХФ неделата не успеаја да одиграат како што се очекува и одново примија многу голови, па го претрпеа вториот пораз сезонава во СЕХА со 36:32 во Нашице.
Средбата тргна лошо за вардарци бидејќи домашните набрзина направија предност од пет гола. За шест минути игра резулттот беше 5:0, а тука следуваше реакција од Вардар. Ракометарите на шампионот на Македонија за седум минути не примија гол и успеаја да израмнат на 5:5.
Ова беше период на добра одбрана и неколку интервенции од Ристовски така што беше лесно да се врати во ритам. Меѓутоа домашните одново отидоа на предност и водеа со 8:5 за во 18. минута да се дојде до 9:9.
Израмнетата игра траеше и во продолжението од првото полувреме. До крајот на паузата имаше неизвесност при што ниту еден тим не успеа да создаде предност која пред заминување на одмор беше еден погодок во корист на Нексе, односнo 15:14.
Второто полувреме донесе почеток во кој вардарци беа подобри и успеаја да го свртат резултатот во своја полза. До 40. минута беа во постојана предност од еден погодок и беа во гол позитива, но домашните израмнуваа.
При 22:22 во 41. минута следуваа две минути криза во кои Нексе набрзина стигна до 3:0 и овие три гола најавија тешка завршница за Вардар. Негативата растеше, а во 48. минута се искачи на пет гола кога вардарци губеа со 24:29.
Домашните делуваа прерасположено и знаеја како да ја зачуваат предноста. Ракометарите на Вардар се обидуваа да стигнат до враќање во игра, но имаше премногу грешки. Не можеа и да се вратат во потребниот ритам, па мораа да се помират со вториот пораз сезонава во СЕХА лигата. На крајот победата на домашните беше забележана со четири гола разлика и резултат од 36:32.
СЕХА ЛИГА – ГРУПА Б
ТАБЕЛА