Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски не може да го има комплетниот тим на располагање на гостувањето во Нашице против тимот на Нексе, но и во таква ситуација ќе треба да се одработи на максимално ниво.
Нексе е традиционално незгоден ривал за Вардар така што е сосема извесно дека и утре ќе биде доста интересно.
„Тоа ќе биде натпревар што доаѓа во незгоден момент. Во ЕХФ репрезентативната недела имавме само 7 играчи и два голмани, и не можевме многу да работиме на тренинг. Имаме проблеми со повредени играчи: Стоилов, Валчак, Димитриоски, Јотиќ. Ќе бидеме со редуциран состав на гостувањето кај Нексе“, вели Алушовски.
Очекува некои измени кај противникот бидејќи новиот тренер има донесено и нови моменти во она што го прикажува составот на Нексе.
„Начинот на игра на Нексе не е сменет, променет е само начинот на транзиција, мали детали во прашање. Анализиравме и знаеме што е добро. Поразлично е дека помалку играат 7 на 6 со новиот тренер. Ние сме подготвени на сè што нè чека. Ќе одиме со 13 играчи и 3 голмани и ќе се обидеме да се вратиме како победници“, изјавува тренерот на вардарци.
Натпреварот меѓу Нексе и Вардар се игра утре од 17 часот и ова е средба број четири за „црвено-црните“ во СЕХА лигата.