Новиот селектор Кире Лазаров денеска ја имаше првата прозивка со националниот тим пред двомечот со светскиот првак Данска од квалификациите за ЕП.
Лазаров смета дека ќе има доволно време да се подготвиме за првиот натпревар со Данците во четврток.
„За мене ова ќе биде селекторско деби. Двократниот светски првак и олимписки првак, селекцијата на Данска ни доаѓа. Некомплетни сме, но очекувам во понеделник да се комплетира репрезентацијата. Во контакт сум со играчите, некои се уште имаат обврски кон клубовите. Во понеделник 90% се комплетираме, само Жарко Пешевски доаѓа вечер и во вторник треба да бидеме сите тука. Имаме доста време да се подготвиме, затоа што и мечот е преместен за во четврток. Овие два дена ќе ги искорстиме со домашните играчи и со нив ќе имаме повеќе време да работиме“, вели Лазаров.
Тој посакува Македонија да игра модерен ракомет.
„Посакувам модерна Македонија. Македонската публика не можеш да ја излажеш, ова е ракометна нација. Ги знаеме недостатоците на нашата репрезентација од минатото. Во време сме кога имаме некоја промена на генерации, но мора да работиме постепено. Во меѓувреме мора да мислиме и на резултати и да продолжиме со континуитет на големите натпреварувања. Времето е тука, го имаме. Со моите соработници и јас како селектор ќе се посветиме максимално. Имам верба. Имаме конкретен план и за Данска и за сега и за иднината. Мора да одиме чекор по чекор. По каков било пораз или победа не смее да ни ги поремети плановите. Имаме квалитети и во играчите и во стручниот штаб. Македонија не треба да стравува. Ќе направиме добар ракомет“, продолжи Лазаров.
Легендарниот десен бек на стартот ќе има двојна улога.
„Јас би бил најсреќен да не морам да играм. Но реков. Имаме краткорочни и долгорочни цели. За да ги исполниме долгорочните, мора да ги реализираме краткорочните. Јас секој момент кога ќе проценам или процениме да не бидам на терен, јас ќе бидам најсреќен да не бидам таму. Затоа и земавме повеќе соработници за да работиме заедно. Подготвен сум на ова. Скоро секогаш во овие десетина последни години сум бил десна рака на тренерите, сум давал совети. Но, ова е голем предизвик, а јас верувам дека она што го имаме зацртано ќе го исполниме“, заврши Лазаров.
Првиот меч со Данска се игра на 11 март во Скопје од 20:00 часот, додека на 14 март е вториот двобој во Алборг од 16:00 часот.