Металург го донесе првото засилување за вториот дел од сезоната. Се работи за 22-годишниот црногорски интернационалец, Василије Калуѓеровиќ, кој може да игра како среден и како лев бек.
Калуѓеровиќ е веќе во Скопје и денеска ќе им се приклучи на новите соиграчи на тренинзите.
„Навистина ми е мило што добив шанса да играм во Металург, клуб кој зад себе има долга ракометна историја. Со раководството на Металург многу брзо најдовме заеднички јазик и еве сум во Скопје, на располагање на тренерот. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата и дека ќе помогнам Металург да постигне добри резултати во Лига Европа и особено во домашното првенство. Во секој случај, ќе дадам се од себе и ќе се обидам да покажам се што знам“, изјави Калуѓеровиќ.
Дебито за Металург, црногорскиот интернационалец би требало да го има на дуелите со Висла Плоцк од Лигата на Европа, на 14 и 16 февруари.