Ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа реми со Вибжеже Гдањск, 31-31, во меч од второто коло во Лигата на Европа и се вратија во игра за првите две места во групата што водат во елиминациите од второто европско клупско натпреварување.
Капитенот Филип Кузмановски даде 15 гола, битолскиот тим водеше со 31-28 во последните пет минути, но не погоди ниту еднаш до крајот, а домаќините успеаја со три гола да стигнат до реми, дури и да имаат напад за победа, кој за среќа не го погодија и Еурофарм Пелистер се враќа со бод.
Покрај Кузмановски, Н’танзи беше ефикасен со седум гола, а по два пати погодија Пешевски и Граховац. На голот на битолчани, Хеидарирад запиша 11 одбрани. Исто толку одбрани имаа и домашните голмани, а Томчак постигна осум гола за Гдањск.
Домашните отворија со 2-0, но битолчани потоа ја зацврстија одбраната, во нападот лесно доаѓаа до позиција и направија серија од пет гола по ред за 5-2. Беше и 6-3, пред Гдањск да остане без Гебала, кој доби казна од две минути. Toа не го искористи македонскиот вицепрвак и домашните успеаја да се вратат во егал на 6-6. Н’танзи и Кузмановски диригираа во нападот на битолчани и се играше гол за гол, а Хеидарирад беше одличен на голот.
Но и домашниот голман Жембрицки исто така беше солиден, па не дозволуваше Еурофарм Пелистер одново да се одлепи. Червар ги ротираше сите ракометари, па играа и Ристевски, Серафимов, Калајџиески… По 8-8 имаше дури осум израмнувања на резултатот до 16-16 на влезот на последната минута. Кузмановски тогаш со играч на грбот погоди во голот на Гдањск, Хеидарирад фати „жива топка“ на домашните, но нашиот тим не реализира во последниот напад и на пауза замина само со плус еден, 17-16.
На стартот на вториот дел се случи клучниот период. Капитенот Кузмановски презема се на свој грб – асистираше, погодуваше, пресекуваше домашни акции и Еурофарм Пелистер отиде на највисока предност, 24-20, иако битолчани имаа две врзани исклучувања на Колаковиќ и Атанасијевиќ. Хеидарирад фати два зицера од крило, но домашните по тајм-аутот на Ромбел успеаја да се вратат во игра и да намалат на минус еден, 25-24, па и Червар мораше да бара минута одмор.
Kузмановски ги однесе битолчани на плус три 28-25, а беше и 29-26, а домаќинот на „мускули“ успеваше некако да одржува негатива меѓу два и три гола, па во последните пет минути се влезе со предност за Еурофарм Пелистер, 30-28. Пешевски промаши шут за плус четири, па Гдањск казни за минус два, а потоа тргнаа и во акција за минус еден. Атанасијевиќ во незгоден момент заработи казна од две минути.
Тоа го искористија домашните и на влезот на последната минута израмнија на 31-31 и Червар бараше тајм-аут кога останаа уште четириесетина секунди. Пелистерци погрешија и имаше седум секунди за Вибжеже за напад, во кој Гебала не успеа да реализира со последниот шут и остана нерешено.
Следен предизвик за битолчани ќе биде тешкото гостување кај Гумерсбах на 13 октомври.
























