Тимот на Еурофарм Пелистер в сабота го чека првиот официјален натпревар во овој дел од сезоната.
Ривал на битолчани ќе биде хрватскиот првак Загреб, а левото крило Гоце Ојлески вели дека ќе се оди на победа.
„Одработивме добро подготовки, бевме во Загреб и игравме тест натпревари. Мислам дека добро се подготвивме, со исклучок на неколку ракометари кои имаат мали проблеми. Одиме во Загреб да се надигруваме и знаеме каков противник ќе имаме в сабота навечер. Се работи за екипа која скоро секоја година игра Ф4 на СЕХА лигата. Нема да биде лесен натпревар, но ќе играме на победа. Ќе дадеме максимум, па ќе видиме што ќе биде“, вели Ојлески.
По дуелот со Загреб во СЕХА, битолчани ги очекува и двомеч од Лигата на Европа против унгарската Татабања во Битола.
Успех во Загреб ќе ни донесе голема самодоверба и добар влез во втората полусезона. Ни следат повеќе натпревари и добар старт во Загреб добро би ни дошол. Ни следи брзо потоа и Татабања во Битола и се надеваме на добри резултати“, заврши Ојлески.
Натпреварот меѓу Загреб и Еурофарм Пелистер се игра в сабота од 20:00 часот.