Украинскиот шампион Мотор Запорожје на свој терен беше подобар од Војводина со резултат 31:30 во својот прв натпревар оваа сезона во рамките на СЕХА лигата. За новосаѓаните ова беше трет пораз во низа по поразите од Нексе и Вардар. Потешко од очекуваното, Мотор Запорожје стигна до победата, а Србите прикажаа отпор во текот на цели 60 минути.
Украинците одлично го отворија натпреварот и со брзи голови стигнаа до водство од 5:2 во текот на 6. минута. Во брзото темпо на двете екипи, ракометарите на Војводина се почесто ги зголемуваа грешките во нападите. По првите десет минути игра, Немања Прибак со својот прв гол ги врати надежите на своите колеги постигнувајќи гол за намалување на водството, 6:5.
Светла точка во Војводина беше Младен Шотиќ кој имаше 100% ефикасност од пенал линијата, 4/4. Гостинската екипа на моменти имаше и две исклучувања во низа, па така Мотор Запорожје рутински ја заврши својата работа во првиот дел. Резултатот на полувреме беше 18:16 за домашната екипа.
Вториот дел започна со голот на гостинскиот ракометар Миленковиќ за 18:17. По три минути игра, Шотиќ го израмни резултатот на 19:19, резултат кој беше изненадувачки за Украинците. Ракометарите на Мотор Запорожје со серија од 3-0 стигнаа до водство од 22:19. Следуваа периоди кога и двете екипи имаа лоши моменти. Војводина во последните седум минути го намали резултатот на 30:28, а потоа и се врати во игра со голот на Томиќ за 30:29.
Од контра, Миленковиќ го израмни резултатот 30:30 и го направи натпреварот неизвесен. И двете екипи имаа неколку напади за враќање на водството,а разликата во квалитет беше пресуден за победата на украинскиот претставник во СЕХА лигата. Шотиќ во последните секунди од натпреварот не успеа да обезбеди реми за својата екипа.
Најефикасен ракометар во победничката екипа беше Вјачеслав Бокан со 6 голови. Во екипата од Нови Сад се истакна Младен Шотиќ со десет голови. Следен предизвик за Мотор Запорожје е тешкото гостување во Германија против актуелниот европски шампион, Кил во рамките од Лигата на шампионите. Војводина продолжува со натпреварите во домашниот шампионат.