Еурофарм Пелистер го победи Охрид, голманите собраа вкупно 31 одбрана

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одиграа четвртиот пријателски натпревар пред стартот на пролетниот дел од сезоната.

По реми, пораз и победа на подготовките во Хрватска, избраниците на Жељко Бабиќ триумфираа над Охрид со 21-19, а на полувреме имаа предност од 11-10.

За „фармацевтите“ на овој натпревар не настапија повредените Марио Танкоски, Мартин Велковски, Бојан Маџовски, а поштеда добија Марин Вегар и Томислав Кушан.

Најдобри стрелци кај битолчани беа Стјепановиќ со пет, како и Мандалиниќ, Костески и Периќ со по три погодоци, додека кај Охрид се истакнаа Тот со шест и Чагаљ со четири голови.

Во главната улога беа голманите на двата тима, кои собраа вкупно 31 одбрана. Чаневски имаше 15, Трајкоски две, Даниловски девет, а Брауновиќ пет интервенции.

Првиот официјален натпревар за битолчани ќе биде во регионалната СЕХА лига на гости кај Загреб на 6 февруари, а во Лигата на Европа на 10 и 11 февруари ќе се соочат со унгарска Татабања.