Дел од вардаровите ракометари многупати ја покажаа љубовта кон клубот, особено во 2019 година, кога играа цела сезона без пари, кога дознаа дека Самсоненко заминува од Вардар, а на сето тоа вратија со втора шампионска титула во Европа.
„Од оваа дистанца и откако се стабилизира ситуацијата понекогаш си го поставувам тоа прашање дали доколку некој дојде и ми понуди – толку време да не добијам плата, но да освојам Лига на шампиони со таа екипа, мојот одговор е ДА. Можеби затоа што нервниот систем ми е веќе стабилизиран, но јас на крајот бев толку среќен за тоа што го преживеавме и доживеавме, мислам дека одново би го направил истото. Чувството на крајот на таа сезона и освојувањето на таа титула во Келн не може да се плати со ниту едни пари. Тој адреналин… Таа група на луѓе, родени со спортот, родени победници, а не материјалисти, за кои топката е живот. Не зборувам само за играчите туку како колектив, сите што бевме тогаш во Вардар. Многу ни беше тешко, имаше моменти кога некој од нас ќе ’пукнеше’, ќе полудеше, но другите му даваа поддршка. Сите ние сме со различен карактер и темперамент, но успеавме да создадеме таква симбиоза и хемија, некако се исклучувме од се друго и останавме тука само еден за друг. Паметам пред четвртфиналето со Пик Сегед имав некои приватни обврски и морав на еден ден да заминам за Москва и побарав дозвола само од Парондо, на друг никој не кажав дека одам. Петокот после тренинг летнав и кога соиграчите виделе дека ме нема, кога го вклучив мобилниот по пристигнувањето во Москва веќе имав милион пораки и повици од нив. Ми пишуваа ’Како можеш така да побегнеш?’, ’Сега да не оставиш’, веќе ме пратија на медицински прегледи во Германија и Франција (се смее) Потоа им објаснив и се беше во ред. Така функционираше тој колектив, ние сите зависевме еден од друг, немаше поглавен, помалку или повеќе важен, сите бевме исти. Како ланец, ако една алка недостасува тогаш ќе се распадне. Одново да најдам такви соиграчи и да падне договор една сезона да играме во такви услови, но со таква атмосфера, такво друштво, сплотеност, јас би прифатил повторно. Се покажа дека не е сè во парите, иако секој од нас знаеше колку беше тешко.“
Комплетното интервју со Тимур Дибиров прочитајте го во продолжение…
ИНТЕРВЈУ ТИМУР ДИБИРОВ: Вардар е љубов, ако сè е во ред останувам во Скопје