Репрезентацијата на Македонија не покажа ништо ново на теренот против Египет во однос на дуелот против Шведска и на оние 12 гола разлика на првиот дуел денеска додаде уште негатива од 19 гола после конечните 19:38.
Македонија одново бледа на теренот, далеку од она што е потребно за успех на големо натпреварување и дефинитивно катастрофален пристап и однос на поголемиот дел од ракометарите кои во иднина треба да бидат главните актери на теренот во националниот тим.
Средбата беше загубена само што почна бидејќи после 5:3 за Египет во 6. минута на средина од полувремето резултатот беше 10:3. Тука за три минути Македонија постигна три гола и за момент се доби впечаток дека конечно е пронајден ритамот и ќе биде далеку подобро. Место тоа од 10:6 во 18. минута до крајот на првиот дел комплетен потоп. Губење топки, промашување, недоволна концентрација, невраќање назад кога ќе се загубеше топката, па Египет го наполни голот на Македонија и на одмор имаше 20:6.
Во вториот дел Брестовац им даде шанса на помладите. Ги остави Лазаров, Стоилов и Митревски на клупата, но немаше ништо ново. Египет продолжи лесно да ги завршува своите акции и да го користи големиот простор и некоординираноста во одбраната. Тоа им донесе високи плус 20 гола уште на средина од второто полувреме, па остана само прашањето колку ќе биде конечниот резултат.
Од оваа средба единствен позитивен момент веројатно беше голманот Томовски, кој одработено на ниво, но остана во сенка на премногу лошото издание. Уште после 40. минута се чекаше само на крајот, а кога истекоа предвидените 60 минути на семафорот стоеше 19:38. Пораз каков досега Македонија нема претрпено на големите натпреварувања.