Во 2020 година светот на ракометот донесе поголем број на трансфери. Ги имаше и во Македонија, но и во тимовите од Лигата на шампионите.
Иако коронавирусот направи големи проблеми пред сè во организација на натпреварите и имаше голем број одложени средби и од минатата и од актуелната сезнона, сепак, имаше интересни трансфери.
Од трансферите на меѓународна сцена дефинитивно број 1 е преселувањето на Сандер Сагосен од тимот на ПСЖ во Кил. Ретко кој играч би одлучил да замине од состав каков што е ПСЖ и со таков буџет во време на криза, но трансферот беше договорен порано.
Се виде дека Сагосен е вистинскиот избор бидејќи со него тимот на Кил успеа да го оствари она за кое 6-7 години се сонуваше, а тоа е трофејот во Лигата на шампионите.
Златко Хорват после 18 години го напушти тимот на ППД Загреб и се одлучи да дојде во Македонија. На големо изненадување на сите тој се реши за Супер лигата во Македонија и дојде во Металург каде што е дефинитивно лидер на теренот.
На исто рамниште е и трансферот на уште еден репрезентативец на Хрватска, Стипе Мандалиниќ. Тој од Бундес лигата се реши за Македонија и дојде во редовите на Еурофарм Пелистер каде пред два дена објави дека останува уште една година во клубот од Битола.
Имаше уште трансфери кои заслужуваат свое место во најдобрите за оваа година, а сигурно ќе ги има уште повеќе во новата 2021 година.