Екипата на Металург претрпе и втор пораз во серија, а откако во петокот ракометарите се вратија без бодови од Кавадарци денеска загубија од Бутел Скопје со 23:31.
Гостите од Бутел тргнаа силно од првата минута и го наметнаа своето темпо. Домашните се обидуваа да следат, но очигледно дека обезбеденото место во плеј-офот беше причина и за намалена мотивација што влијаеше кај играчите, кои не успеаја да го покажат нивото кое е потребно за подобар резултат.
Водството на Бутел постојано растеше и до крајот на првото полувреме предноста се искачи на пет гола за гостите на одмор да заминат со 17:12.
Секоја грешка на Металург се казнуваше со контра, а таму најчесто егзекутираше левото крило Марко Божиновски.
Таката игра овозможи да се дојде и до плус десет, па во 53. минута резултатот беше 28:18 во корист на гостинскиот состав. Металург на ова се обиде да одговори со нешто поцврста одбрана и поефикасен напад.
Ни тоа не помогна многу бидејќи Металург не можеше да избегне пораз од 23:31. Тоа беше неминовно, па составот од Автокоманда врза и втор пораз по ред во есенскиот дел што се нема случено 20 години. Откако во 2000 година клубот беше преземан од Минчо Јорданов, „металурзите“ редовно се во врвот на македонскиот ракомет и ретко губеа, но очигледно денеска не можеа да се снајдат.
Мало оправдување можеби е тоа што домашните беа без странците кои добија слободно за Божиќните и новогодишните празници, но факт е дека и во ваков состав Металург мораше да биде на далеку повисоко ниво.