Божиќ и за Македонците: Вино за Митревски, Чурлевски на гости кај Дедо Мраз!

Македонските интернационалци (барем поголем дел од нив) ги завршија клупските обврски за оваа полусезона и полека се подготвуваат за враќање дома и за новогодишните и божиќните празници.

Фактот дека играат во странство ги принудува претходно со дел од своите соиграчи да го прослават и католичкиот Божиќ и да бидат дел од сите клупски активности поврзани со овој празник.

Но, за разлика од другите години, оваа славење нема и сè е сведено на минимум, а главната причина за тоа е пандемијата од ковид-19.

„За Божиќ во клубот со соиграчите и тренерите си разменивме подароци. Беше скромно и во соблекувална, поради пандемијата не беше ништо организирано надвор од салата. Добив за подарок вино Де Порто. На 22 декември завршивме со обврските за оваа полусезона, па повеќето соиграчи си заминаа дома. Католичкиот Божиќ ќе им го честитам на сите што го слават, а јас со семејството ќе чекаме 31 декември, за да го славиме доаѓањето на Новата година, а потоа и нашиот Божиќ“, вели за 24ракомет, репрезентативниот голман во редовите на Порто, Никола Митревски.

Ракометарот, кој сезонава започна со градење на интернационалната кариера во фински СИФ, Филип Чурлевски, за време на паузата во сезоната ќе остане во Финска, каде неодамна му се придружи сопругата. Освен мала клупска забава ништо друго не се случува за празниците таму.

„По последниот натпревар од полусезоната имавме заедничка вечера (нешто како тим-билдинг) мала забава. Поради пандемијата ништо друго не беше организирано. Сите соиграчи католичкиот Божиќ ќе го минат со семејството, додека јас ќе си бидам дома со мојата сопруга која пред неколку дена дојде во Финска. Планираме да ја посетиме Лапонија за време на паузата, па тоа ни е главна преокупација во моментов“, ни објасни Филип Чурлевски.

Македонците кои се дел од Бундеслигата потврдуваат дека сезонава сè е многу скромно и многу се внимава поради коронавирусот.

„Годинава поради ситуацијата сè беше откажано за разлика од лани кога имавме божиќна вечера од клубот, неколку дружења со дечиња и слично. Сега и дружбите во екипата се скратени, со соиграчите самоиницијативно се организиравме да обележиме. Сè е до тој степен направено да немаме никаков контакт со надворешниот свет. На пример снимавме честитка за Божиќ за спонзорите и навивачите за да не се почувствуваат заборавени. Таков е моментот, се надевам дека сите живи и здрави ќе го пребродиме ова, а потоа ќе надоместиме за сè што сме пропуштиле“ – оптимист пикерот на Штутгарт, Жарко Пешевски.

Бекот на Хановер, Филип Кузмановски со сопругата католичкиот Божиќ ќе го минат со неговите балкански соиграчи.

„Ќе бидеме заедно со моите балкански соиграчи. Нè поканија со сопругата да славиме заедно Божиќ и секако дека прифативме.“