Пивотот на тимот на Виборг и на репрезентацијата на Данска, Мајбрит Тофт Хансен потекнува од одлично познатото семејство кое досега имаше дадено четири репрезентативци. Мајбрит е петтиот член кој го облака дресот на националниот тим и добива убава шанса на овој шампионат да се најде во битката за медалите.
Пред два месеци самата се нарекуваше црна овца во семејството Тофт Хансен бидејќи само таа немаше настап за некоја репрезентација на Данска, а веќе има 27 години.
Нејзините браќа се далеку попознати. Рене и Хенрик се одлично познати пивоти кои во својата кариера имаат голем број на настапи во сениорскиот состав на Данска. Тие имаат одработено многу натпревари и учествувано во битката за многу трофеи.
Нивниот помал брат Алан има играно за младинските репрезентации, но и тој го има облечено репрезентативниот дрес.
Десетина натпревари има одиграно и сестрата на Мајбрит, Жанет така што до пред десетина дена само еден член на семејството Тофт Хансен немаше натпревари за Данска. Сепак, од ова Европско првенство и Мајбрит е на списокот, а со оглед на тоа што добива шанса и на теренот и самата има придонес за битката на Данска за висок пласман.
Веќе е познато дека Данска утре од 20:30 часот ќе игра против составот на Русија и потребна е победа за пласман во полуфиналето.