Германија и Португалија во позитива после првата ЕХФ недела

Репрезентациите на Германија и Португалија се новите две селекции кои во првата ЕХФ недела од квалификациите за Европското првенство во 2022 година успеаја позитивно да ја завршат својата задача.

Овие две селекции дојдоа и до втора победа така што во моментов се исто како и Македонија и Данска на чекор од пласман на Европското првенство.

Германците денеска како гости обезбедија бодови против репрезентацијата на Естонија. Тие победија со 35:23 и беа убедливи особено во второто полувреме. после првиот дел имаа само гол разлика, 12:11, а потоа имаа комплетна доминација.

Јулиус Кун со девет гола беше убедливо најефикасниот играч на Германија, а по четирипати прецизни беа Генсхајмер, Винцек, Пекелер и Шилер. Во Естонија четири гола постигнаа Карл Том и От Варик.

Португалците исто така како гости го совладаа составот на Литванија со 34:26. Тие и двете полувремиња ги решија со по четири гола разлика. Првото го добија со 18:14, а потоа и второто со уште четири, 16:12 за конечни 34:26.

Кај победникот Педро Портела со пет гола беше прв стрелец, додека Итуриза, Салина и Гомез имаа по четири погодоци. Во Литванија петпати прецизен беше Урбонас.

Со ова имаат добар патоказ кон нов учество на Европското првенство.