Само што стартуваше групната фаза од Лигата на Европа, Европската ракометна федерација ќе мора да прави претумбации во календарот.
Откако во првото коло беа одложени четири натпревари, нивниот број во второто коло ќе биде поголем. Досега се одложени пет средби, а веројатно ќе бидат уште две, меѓу кои и онаа на Металург и Висла Плоцк.
Нема да се играат дуелите меѓу Магдебург и Монпелје (францускиот тим има позитивни случаи), Ним – Фуксе Берлин (францускиот клуб има позитивни случаи), Татабања – Рајн Некар Левен (унгарскиот клуб има позитивни случаи) и Тримо Требње – Кадетен Шафхаузен (словенечкиот клуб има позитивни случаи).
ЕХФ дополнително ја одложи средбата меѓу ЦСКА Москва и Алингсас, поради рекордните бројки на заразени во Русија и Шведска, а неизвесно е дали ќе се игра средбата меѓу Адемар Леон и Тулуз.
Во женската Лига на шампиони досега официјално е одложен дуелот меѓу Ростов Дон и Кристијансанд, бидејќи по враќањето од Русија, норвешките ракометарки би биле во карантин десетина дена, а откако хрватската Подравка откри дека има пет позитивни ракометарки, беше најавено и одложување на нивната средба против ЦСКА Москва.
Одложен е натпреварот меѓу Будуќност и европскиот шампион Ѓер, поради еден позитивен случај во унгарскиот тим, мораат сите во десетдневна изолација.
Во машката Лига на шампиони досега официјално е одложен натпреварот меѓу Елверум и Мешков Брест, бидејќи Белорусите не можат да влезат во Норвешка без да бидат во карантин и само со негативни тестови, а веројатно ќе бидат одложени дуелите на Веспрем и Барселона против Кил, односно Алборг.