„На почетокот на последниве неколку сезони сум со таа мисла - до кога ќе играм, но кога ќе почне сезоната и гледам дека играм се подобро и подобро, се предомислувам (се смее). Прв сум за да се отстапи место на младите и затоа се вратив во Македонија за да споделам дел од моето искуство, но реално не сум размислувал за пензија. Ќе видиме, ако ме држи здравјето и ако има екипи кои ме сакаат ќе бидам на располагање, во спротивно ќе се повлечам“ - вели Ангелов.
Еден од најискусните играчи во македонското првенство, Петар Ангелов – Диви, голманот на Пролет, беше избран за играч на 1. коло во новата сезона од Суперлигата во изборот на 24ракомет. Чуварот на мрежата и покрај тоа што има 43 години и на првиот меч со Јуниор К.В., но и со Астраион пред два дена беше потребната поддршка меѓу диреците која на Пролет му донесе две стартни победи во новата сезона и го смести тимот на лидерската позиција.
Поранешниот интернационалец и екс-репрезентативец за кои сите чекаат да објави крај, делува како да доживува втора младост.
„Јас сум таков човек – не сакам да губам, сакам да одам само напред и од невозможното да правам возможно. Никого не потценувам, против секој ривал играм со почит, затоа што искуството ми покажало дека од секого можеш да загубиш, но и секого да го победиш. Имавме одличен старт на сезоната, две победи и среќен сум за тоа… Кога се вратив во Македонија, Пролет ме побара за да помогнам и го правам тоа во моментов најдобро што можам“ – објаснува Ангелов и продолжува: „На почетокот на последниве неколку сезони сум со таа мисла – до кога ќе играм, но кога ќе почне сезоната и гледам дека играм се подобро и подобро, се предомислувам (се смее). Прв сум за да се отстапи место на младите и затоа се вратив во Македонија за да споделам дел од моето искуство, но реално не сум размислувал за пензија. Ќе видиме, ако ме држи здравјето и ако има екипи кои ме сакаат ќе бидам на располагање, во спротивно ќе се повлечам.“
Она што Ангелов се обидува да го направи е да биде пример дека годините не се важни, туку напорната работа и посветеноста, и најважно од сè – победнички менталитет и високи цели.
„Она што сакам да им го пренесам на младите е дека не треба да се гледа на годините. Важен е квалитетот, да се зацртаат цел и да работат за нив. Многу тренинзи, многу работа, големи жртви, мора да се напредува во животот. Годините не се граница ако работиш како што треба, еве јас сум пример. Во мојата 30-годишна кариера (на 13 години првпат со Тиквеш настапува на турнир во Белград) можам да кажам дека она што сум зацртал, сум исполнил. Освоив Лига на шампиони со Вардар, што е врв на кариерата. Вистина е дека на Ф4 не играв, но бранев на дел од натпреварите таа сезона. Како интернационалец во Франција отидов во клуб во кој амбициите беа само да се опстане во Лигата, а ние игравме Европа четири години. Двата пречека во Скопје, кога освоивме ЛШ со Вардар во 2017, а претходно 5-тото место на ЕП 2012, тоа е нешто што не се заборава. Тоа треба секој спортист да го доживее, тоа е круната и задоволството за сите жртви, откажувања и за сета пот и болки, кои јавно не ги кажуваме. А, до таму се стигнува само со многу напорна работа. Тоа сакам да им го пренесам на младите.“
САМ НА СЕБЕ МОТИВАТОР
Диви делува како паузата од шест месеци поради коронавирусот воопшто да не му пречела, напротив… Тој, пак, објаснува дека неговите деца и тој сам на себе си бил најголем мотиватор во тој тежок период за секој спортист.
„Тренирав скоро секој ден во тој карантин-период. Коронавирусот не затвори дома, па се вратив во Кавадарци, каде во дворот сам си направив реквизити и вежбалница и работев секој ден. Се мотивирав и себе си и децата. Од повозрасни ракометари сум слушал дека ако нагло престанеш со тренинзи штети многу на здравјето, а исто така се обидувам и децата да ги насочам кон спортот, затоа што се гледа дека преку спортот може да се допре секаде. Кога ги олабавеа мерките продолжив да тренирам во вежбалница, трчање на отворено и потоа нормално се приклучив на подготовките со клубот, кои беа одлично организирани и сето тоа влијае на формата со која влегов во сезоната. Секако улога играат и многуте натпревари низ годините кои ги имам во нозете и рацете.“
ПРОЛЕТ ЦЕЛИ КОН ЕВРОПА
Петар Ангелов ќе се обиде да држи вакво темпо и да го однесе Пролет во Европа на крајот на сезонава.
„Првата цел на Пролет е да заврши на првите три места во Суперлигата и да обезбеди плеј-оф, а потоа пласман во Европа. Свесни сме дека конкуренцијата сезонава е голема, но во спортот не се знае ништо. Сè може да се случи и доколку се олабават и мерките, а и коронава попушти и имаме и публика на трибините, мислам дека нè чека одличен ракомет на пролет. Ќе имаме интересен плеј-оф. Ќе одиме чекор по чекор, свесни сме дека има поквалитетни екипи од нас, но реков целта е Европа и ќе се обидеме да се носиме со секого. Ќе целиме на тоа, нешто од невозможно да стане возможно.“
ВО ИДНИНА СЕ ГЛЕДА КАКО ТРЕНЕР НА ГОЛМАНИ
Во 2017 година кога на Ангелов му заврши соработката со РК Вардар имаше некои најави дека тој ќе продолжи да работи во ракометот како тренер на голмани. Тоа не се случи, а Диви и натаму е активен меѓу диреците, но исто така тоа е и функцијата кон која цели по крајот на играчката кариера.
„Точно 30 години сум во ракометот и желба ми е по завршувањето на кариерата да бидам тренер на голмани. Вистина е дека имаше некој таков разговор со Вардар, а и сега во Пролет ја чепнавме таа тема во преговорите, но не дефиниравме ништо. Во моментов фокусиран сум да одиграм најдобро што можам сезонава, но не е тајна дека тренерски се едуцирам. Модул 1 комплетено го имам завршено, а сега го чекам модул 2. Целта ми е да останам во ракометот, како тренер на голмани, но кога ќе се случи тоа и во кој клуб, ќе видиме. Мислам дека ќе можам, а и сакам 30-годишното искуство да го пренесам на младите“ – потенцира Ангелов.
Некогашниот репрезентативец беше МВП на 1. коло од Суперлигата, а во тек е гласањето за најдобриот на 2. коло.