Македонските ракометни тренери најавија дека многу брзо ќе формираат Синдикат кој ќе треба да се бори за нивните права и да работи на нивна заштита во клубовите во земјава. Ова го најавија на денешниот семинар што се одржува во Охрид. една од темите на семинарот бил токму тренерскиот синдикат. Првичните информации ги добиле сите тренери, но останува реализацијата на проектот.
Ракометните тренери до крајот на годинава повторно треба да се соберат и да го формираат Синдикатот, и да ги дефинираат нивните цели. Синдикатот значи не само поддршка на тренерите, борба за нивните права и за подобри услови за работа и да бидат ценети како стручни лица.
Тренерите пред почетокот на секоја сезона имаат семинари за обнова на нивните лиценци за да може да водат клуб во некоја од лигите. На семинарот се присутни повеќе од 150 тренери.
Во моментов во клубовите се вработени тренери кои се само најнеопходни и потребни според Законот. Добар дел од тренерите се уште не се ниту здравствено осигурани ниту пак имаат регулирано стаж. Некои не добиваат ниту редовно плата. Во моментов Здружението на ракометни тренери не успева да се избори за правата на тренерите и формирањето на Синдикат ќе значи и прво сериозно организирање.