ЕХФ размислува за промени на женското ЕП – Натпреварите ќе се играат само во два града?

Поради пандемијата со коронавирусот која не се смирува и која продолжува да зема нов замав во Европската ракометна федерација се размислува за промени во однос на градовите каде ќе се играат натпреварите на Европското првенство во декември.

Според актуелното размислување поради коронавирусот идејата е средбите да бидат играни во еден град во Данска и еден во Норвешка. Засега има реакција од Норвешка каде што велат дека се подготвени за три места каде би можело да се играат средбите.

„Ова е едно од сценаријата за вондредни ситуации. Ако биде така и понатаму тогаш можеме да имаме натпревари во Трондхајм, Ставангер или во Осло. Треба да донесеме одлука до крајот на август. Малку е веројатно дека Европското првенство ќе биде одложено, но ние мора да бидеме подготвени“, вели генералниот секретар на Ракометната федерација на Норвешка, Ерик Лангеруд.

Првенството треба да се одржи од 3 до 20 декември, а 16 селекции се поделени во четири групи. Во Групата А ќе играат: Франција, Данска, Црна Гора и Словенија. Групата Б ја сочинуваат Русија, Шведска, Шпанија и Чешка. Во Групата Ц се: Холандија, Унгарија, Србија и Хрватска, додека во Групата Д се најдоа селекциите на Норвешка, Романија, Германија и Полска.

Натпреварите од Групите А и Б се играат во Данска, додека Ц и Д групите се во Норвешка.