Смиљаниќ: Македонија е примамлива за сите странци, ќе се обидеме со Тиквеш да влеземе во плеј-оф

Покрај тројката Вардар, Еурофарм Пелистер и Металург, еден од најактивните македонски клубови на трансфер пазарот е новиот суперлигаш Тиквеш, кој ќе обиде да го врати ракометот на старите патеки во Кавадарци.

Тимот ги продолжи договорите со голем број на ракометарите на минатата сезона, а ги донесе Пеце Ѓорѓиоски, Белорусинот Андреј Хапал, како и српските интернационалци Душан Медиќ и Вања Смиљаниќ.

Смиљаниќ настапува на позицијата десен бек, а тренерот Томе Петрески може да го користи и на десно крило, а во Кавадарци доаѓа од босанската екипа Вогошча.

„Очекувам да не служи здравјето, добри подготовки, да напредуваме сите заедно во походот кон што подобар резултат. За Тиквеш слушнав се најдобро. Имаме одличен тренер, екипата е млада и сака да напредува, па се надевам дека сите коцки ќе се поклопат. Кавадарци не е многу голем град, но тоа ми одговара бидејќи и јас живеам во мал град, па сигурно лесно ќе се адаптирам“, вели Смиљаниќ за 24Ракомет.

Повеќето македонски тимови ги засилуваат своите редови, а главната цел на кавадарчани ќе биде влез во плеј-офот од Суперлигата.

„Сакам да победувам, па очекувам да оствариме што подобар резултат и да влеземе во плеј-офот. Македонија е примамлива дестинација за сите странци, има многу добри клубови, Суперлигата ја следат насекаде, а тоа може да биде отскочна даска за нешто поголемо во кариерата“, продолжува Смиљаниќ.

Србинот посакува влез на Тиквеш во плеј-офот, а со тоа и натпревари против тимови како Вардар, Металург, Еурофарм Пелистер…

„Драго ми е што ќе играм против такви екипи. Против Вардар веќе сум играл, па сигурно би било возбудливо пак да играм против европскиот првак. Металург и Еурофарм Пелистер се засилија многу со одлични играчи. Резимирано, лигата ќе биде многу возбудлива, можеби ќе направиме изненадување и победиме некој од нив…никогаш не се знае“, завршува Смиљаниќ.

Македонската Суперлига би требало да почне на средината на септември, а РФМ наскоро треба да го официјализира распоредот на натпреварите.