ОФИЦИЈАЛНО: Немања Обрадовиќ е нов ракометар на Загреб

Поранешниот ракометар на тимот на Металург, Немања Обрадовиќ, кој минатата сезона ја мина во белорускиот шампион Мешков Брест, денеска беше промовиран како играч на хрватскиот Загреб.

Иако имаше комбинација да се пресели во европскиот шампион Вардар, сепак Србинот ќе биде замена за Анте Гаџа, кој од Загреб ќе дојде во Скопје.

„Драго ми е што дојдов во Загреб. Тоа е екипа што долги години е на врвот. Првиот впечаток за тренерот Вори ми е позитивен. Момците се млади и желни за вистинска борба, што во ракометот е многу важно. Нема да бидеме најискусна екипа во ЛШ, но ќе се трудиме да надоместиме се што ни недостига со борбеност“, вели Обрадовиќ.

Обрадовиќ беше дел од Металург, а по заминување од Автокоманда играше и за полската Висла Плоцк, а претходно тресеше мрежи за Јагодина, Металопластика и францускиот Валанс.