Вујовиќ откри зошто заминува од Загреб: Не можам да бидам на две места во исто време!

Веселин Вујовиќ веќе не е тренер на хрватскиот првак Загреб и поради лични проблеми вторпат си заминува од овој клуб.

Тој дојде во Загреб во септември лани и се задржа осум месеци на позицијата главен тренер, а за тоа време му донесе на клубот место на Ф4 во СЕХА лигата.

„За жал поради лични причини и приватни проблеми кои не можат да ги решам ако сум отсутен од Србија, морам да го напуштам Загреб. Жал ми е што си одам, но не можам да бидам на две места во исто време. Кога ќе го решам проблемот, ако Загреб сака, може да се вратам. Му се заблагодарувам на раководството за разбирањето и жал ми е што ги доведов во незавидна позиција со моето заминување. Се надевам дека играчите имаа корист од мене во својот напредок. Ќе ги следам и ќе навивам за нив и за клубот. Загреб ми е втор дом и ако ситуацијата дозволи, јас сум секогаш подготвен за камбек“, вели Вујовиќ за официјалниот веб-сајт на Загреб.

Неговото име секогаш се поврзува со преземање на Вардар, а особено сега кога Михајло Михајловски се врати во клубот, уште повеќе ќе се засилат шпекулациите за камбек на Вујовиќ, но дали ќе има нешто такво останува да видиме.