Репрезентативката на Црна Гора и ракометарка на Будуќност, Мајда Мехмедовиќ раскажа како ги доживеала моментите од финалето на Будуќност против Ѓер во 2012 година од болничката соба.
Тогаш Мехмедовиќ имаше сериозна повреда по ударот во гркланот и мораше на операција. Таа го пропушти возвратниот дуел со Ѓер после кој Будуќност стана шампион, а за кој Мајда смета дека и е најдраг.
„Операцијата мораше што побрзо да се направи. Јас не ни бев свесна дека лекарите се бореле за мојот живот. А со тоа јас не ни смеев да ја напуштам болничката соба. Но, за малку искушението ќе победеше. Не бев таму каде што ми е местото, а од местото каде што се остваруваше сонот бев само 500 метри. Далеку и блиску, без шанса да ги прегрнам соиграчките и да го подигнам пехарот. Тоа беше нјатешкиот момент за мене“, рече Мехмедовиќ.
Мајда Мехмедовиќ беше дел од Будуќност од 2007 до 2016 година, а потоа премина во Романија во екипата на ЧСМ Букурешт. Таму помина две години, а од сезоната 2019/20 е повторно во својот клуб од Црна Гора.