По ангажманот на Момир Рниќ, Бранко Канкараш и Никола Потиќ, тимот на Металург донесе уште едно засилување за претстојната сезона, во која сигурно ќе гледаме интересни двобои на тимот од Автокоманда против Вардар и Еурофарм Пелистер.
Во Автокоманда доаѓа бразилскиот среден бек Енрике Тешеира, кој досега беше дел од романскиот ЧСМ Букурешт. „Кариоката“ заедно со Гоце Георгиевски се најдобрите стрелци на ЧСМ, кој остана без можност да се бори за титулата во Романија.
Тешеира потекнува од составот на Маринга, беше дел од Таубате, а дел од кариерата мина и во Асобал лигата, во тимовите на Уеска и Грањолерс.
Нови договори претходно потпишаа Милан Лазаревски, Милан Поповиќ и Даниел Дупјачанец, а се очекува наскоро да биде позната и иднината на Мице Шилегов, Реваз Чантурија, Дејан Пецаковски и Велко Маркоски.