Македонските ракометни интернационалци повторно се во фокусот во трансфер периодот. Во ситуација кога сите клубови во Европа најавуваат кратење на платите и буџетите, сите ставаат на кантар – дали вреди за тие пари да се остане во странство или да се вратат дома. Така барем ќе бидат кај домашните. Меѓу оние што секогаш се омилени кај публиката е репрезентативното десно крило Гоце Георгиевски.
Тој има уште една година од договорот во Романија, но веќе доби понуди за враќање дома – во Македонија. Заинтересирани се и Металург, неговиот поранешен клуб, а и Вардар кој најавува дека ќе прави тим составен од Македонци и интернационалци.
„Разговарав со Стевче Алушовски, тренерот на Вардар. Ми рече дека ме сака во тимот, но не знае дали ќе може да се оствари трансферот. Иван Чупиќ исто така останува во Вардар, па можеби ќе биде потешко и двајцата да бидеме во тимот. Но, тренерот сака да бидам дел од тимот. Немам никаков конкретен договор ниту понуда од клубот, вели Георгиевски.
Но, во исто време кога Вардар најавува стабилизација и бара играчи, стигнува и понуда од Металург. Тимот од Автокоманда веќе потпиша двајца интернационалци и се најавуваат уште играчи. Тие биле конкретни, со понуда, со услови за враќање…
„Искрено малку ми беше чудно што Металург ми нуди конкретен договор. Тие уште ми должат пари од времето кога си заминав од клубот. Сега ме уверуваат дека се ќе биде добро и ќе ги добијам договорените пари, вели Георгиевски. „А беа многу конкретни во тоа што го нудат“.
Но, тој има уште една сезона за играње во Букурешт.
„Имам уште една сезона тука од договорот. Имам и доста неисплатени плати. Чекаме одговор од градот дали и како ќе ги подмири долговите. Не е така едноставно. Ако сакам да си заминам ќе треба да барам раскин, па да решаваме за платите. Малку е комплицирано сета ситуација сега, вели Георгиевски.