Клубовите решија: Без Вардар и Еурофарм Пелистер во Суперлигата!

Денеска во Ракометната федерација се одржа состанок на суперлигашките клубови, на кој се дискутираше системот на натпреварување за следните две сезони. Следната сезона, 2020/2021 година, елитното натпреварување во машка конкуренција треба да брои 16 екипи, а во првата фаза ќе играат 14 (без Вардар и Еурофарм Пелистер) кои ќе бидат поделени во две групи по 7 екипи.

Од десетте клуба што играа и оваа сезона, во следната сезона нема да играат Вардар Јуниор и Металург 2, а во Суперлигата ќе влезат шест нови прволигаши! Вардар и Еурофарм Пелистер догодина ќе бидат македонски претставници во СЕХА лигата, а во март следната година ќе се вклучат во плеј-офот. Системот ќе остане практично ист каков што беше најавен. Две групи (по седум екипи), а најдобрите три од групите ќе играат во плеј-оф заедно со Вардар и Еурофарм Пелистер.

Останатите осум (по четири од двете групи) ќе играат за опстанок, а од нив само првиот обезбедува сигурен опстанок, вториот ќе игра бараж натпревар и другите шест тима се селат ранг подолу. Сите екипи во плеј-оф и во плеј-аут ќе стартуваат со нула бодови.

Планот за сезоната 2021/2022 останува ист, Суперлигата да брои десет екипи заедно со Вардар и Еурофарм Пелистер. Ќе се игра двокружно, односно 18 кола, по што екипите ќе се поделат во плеј-оф (до 6 место) и плеј-аут (од 7 до 10 место). За разлика од сезоната 2020/2021 кога нема да се пренесуваат бодови, туку првопласираниот во плеј-оф пренесува 5 бодови, вториот 4 бодови итн…а исто ќе биде и во плеј-аутот каде првиот пренесува 3 бодови, вториот 2 итн…

Првиот и вториот тим во плеј-аут обезбедуваат сигурен опстанок, третиот ќе игра бараж натпревар со второпласираниот од Прва лига, а последниот испаѓа во Прва лига.