Најкорисниот играч во првенството на Полска за последната сезона, Симон Сичко можно е да се приклучи на екипата на Келце од следната сезона. Сичко е член на Келце од 2017 година, но нема одиграно ниту еден натпревар за клубот.
Во првата сезона како играч на Келце беше позајмен во Германија, во клубот Хутенберг, а последните две сезони играше во Горник во првенството на Полска. Минатата сезона Сичко постигна 135 гола на 29 натпревари и беше најдобар стрелец во тимот.
Добрите настапи на Сичко му донесоа и повик во репрезентацијата на Полска со која настапи на Европското првенство. Договорот за позајмица му заврши во Горник па тој следната сезона би требало да се врати во тимот на Талант Душебаев кој најави дека ќе смета на левиот бек.
Во Келце, Сичко ќе има голема конкуренција на неговата позиција каде што уште се и Владислав Кулеш, Дорук Пеливан и Томаш Гембала. Полјакот знае дека тешко ќе се избори за голема минутажа и потенцираше дека следниот клуб ќе биде оној каде што ќе има можност редовно да игра.