Татран Прешов се збогува со капитенот!

Во изминатиот период екипата на Татран Прешов е најактивна на трансфер пазарот. Се прават големи промени во играчкиот кадар, договорени се нови играчи, а се збогуваат и со голем дел од досегашните ракометари.

На листата на играчи кои го напуштија клубот досега, се приклучуваат уште тројца од досегашните членови на словачкиот тим. Лукаш Урбан, капитенот Мартин Страновски и Рареш Мариан Фодореан, нема да ги гледаме во дресот на Татран од наредната сезона.

Порано завршената сезона не дозволи официјално збогување на Урбан кој потекнува токму од Татран. Тој ги помина сите категории во клубот, но по истекнување на договорот кој важеше до крајот на сезонава кариерата ќе ја продолжи во францускиот Шарт.

Мартин Страновски и Рареш Мариан Фодореан имаа важечки договори со клубот и за наредната сезона, но спогодбено се договорија за раскин. Заминувањето на Страновски кој беше капитен не сакаа да го коментираат луѓето од Татран, додека причина за раскинот со Фодореан е тоа што Романецот не ги задоволил очекувањата со неговите изданија.