РФМ нема да чека – ќе бара вајлд-карта за Мундијалот во Египет!

Иако Европската ракометна федерација ја елиминира машката репрезентација од Светското првенство во Египет, сепак постојат реални шанси Македонија да игра на Мундијалот.

Ракометната Федерација на Македонија не се откажува од идејата сениорите да го продолжат континуитетот и ќе испрати барање за вајлд-карта, а повеќе детали ќе бидат познати по состанокот на ИХФ следната среда на кој ќе се разгледува ситуацијата по континенти.

Ако не добиеме вајлд-карта (ИХФ има две за доделување), нашата машка репрезентација по десет години ќе остане без можноста да игра на големо натпреварување – ЕП или СП.

Сениорите, почнувајќи од ЕП 2012 во Србија, играа и на СП 2013 во Шпанија, ЕП 2014 во Данска, на СП во Катар во 2015 година, ЕП 2016 во Полска, СП 2017 година во Франција, ЕП 2018 во Хрватска, на СП 2019 година во Германија и Данска, како и на ЕП 2020 година во Австрија, Норвешка и Шведска.