Без изненадување на вечната листа, Барселона е без конкуренција на врвот

Од вкупно 195 екипи кои барем еднаш играле полуфинале во Европските купови од почетокот во 1956 година до минатата сезона 2018/2019, без никакво изненадување на првото место на вечната листа е екипата на Барселона. Рекордерите според бројот на титули во сите натпреварувања имаат вкупно 160 поени и се далеку пред конкуренцијата односно пред три екипи од Германија.

Зад Барселона со 103 поени е екипата на Гумерзбах, додека потоа со 87,5 бода следува Кил, а на 4. место е Магдебург со 61,25 бода. Првата петка ја затвора Сиудад Реал, кој веќе не постои со 55,62 бода.

Во Топ 10 се и Дукла Прага (Чешка), Гепинге (Германија), Флензбург (Германија), Веспрем (Унгарија) и Загреб (Хрватска). Вардар е на делба на 22. место со Бјеловар од Хрватска, додека меѓу рангираните е и тимот на Еурофарм Пелистер кој е на делба на 109. место.

Да нема забуна меѓу рангираните се само тимови кои успеале да стигнат до некое полуфинале во Европските купови. Притоа при бодувањето се делеа поени според купот во кој се натпреварувале.

За Лигата на шампионите односно КЕШ шампионот добива 10 бода, а финалистот 5. Полуфиналистите имаат по 2,5 поени.

Во КПК победникот добива 5, а финалистот 2,5 бода. Полуфиналистите при вкупниот збир на бодови добива 1,25 поени. Истото бодување важи и за Купот на ЕХФ.

За Челенџ купот победникот има 2,5 поени, финалистот 1,25, а полуфиналистите по 0,62 бода.

ТОП 10

1.Барселона (Шпанија) – 160 поени

2.Гумерзбах (Германија) – 103

3.Кил (Германија) – 87,5

4.Магдебург (Германија) – 61,25

5.Сиудад Реал (Шпанија) – 55,62

6.Дукла Прага (Чешка) – 54,37

7.Гепинген (Германија) – 50

7.Флензбург(Германија) – 50

9.Вепсрем (Унгарија) – 48,75

10.Загреб (Хрватска) – 46,25