Ракометарките на Чаир стигнаа до убедлива гостинска победа над Вардар со 31-23, во натпревар од македонското првенство во женска конкуренција.
Домашниот состав имаше добар почеток и во деветтата минута водеше со 5-4. Следуваше израмнета игра до 6-6, по што Чаир постепено почна да ја презема контролата.
Гостинките поведоа со 8-6, а Вардар последен пат беше на само еден гол негатива при 7-8. Во завршните десет минути од првото полувреме Чаир ја засили одбраната и преку брзи реализации стигна до убедливи 16-9 на паузата.
Составот од Чаир фуриозно го започна и вториот дел. Иако во 37. минута останаа без Саид Абдалах Раван која доби директен црвен картон по грубиот старт врз Мила Ристовска, гостинките веднаш поведоа со 19-9, а во 45. минута стигнаа и до највисоките „плус 15“, 27-12, со што беа решени сите дилеми околу победникот.
Вардар не се предаде и во завршницата со серија од 6-0 успеа да ја намали негативата. Сепак, предноста на Чаир беше преголема, па гостинките мирно го приведоа натпреварот кон конечни 31-23.
Најефикасна кај победничкиот состав беше Михаела Кралева со осум погодоци, додека Ноура Махмоуд и Стефанија Ѓорѓиевска постигнаа по шест. Во редовите на Вардар се истакна Ивана Трифуновска со седум гола, а Леона Миленкоска реализираше шест.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























