Поранешната ракометарка на Вардар, Андреа Пенезиќ поради ситуацијата со коронавирусот е во размислување дали да ја продолжи кариерата за уште една година со оглед на тоа што веќе неколку сезони размислува за да прекине со играњето.
Таа се потсети дека размислуваше да заврши со играњето уште кога ја заврши епизодата во својата кариера со тимот на Вардар, но продолжи во Шиофок, а сега одново е во двоумење.
„Уште додека бев во Вардар кај мене владееше двоумење. Уште тогаш сакав да ја завршам кариерата, но таму работите се завршија несреќно и сите моравме да ја побараме среќата во нова средина и во тој момент едноставно не бев подготвена да останам без ракомет. Унгарскиот Шиофок беше најдобро решение, условите беа феноменални, а бев и близу до Загреб“, вели Пенезиќ.
Таа се потсети на моментите кога во Скопје и во Македонија се чувствуваше како дома, а кажа и која е работата поради која жали.
„Нема полоша работа од тоа да загубите финале. Мене тоа ми се случи двапати и тоа на каков начин. Двапати паднавме во продолженија, тоа е страшен емотивен удар. Најпозитивната работа е дефинитивно целиот Вардар кој се сслучи, тоа ми беа четирите најубави години во кариерата. Се чувствував респектирано и ценето. Луѓето на улица ни приоѓаа и беа срдечни, уживав во секој ден во Македонија. Жал ми е само поради Лига на шампиони и тие два порази. Мислам дека таа генерација на Вардар заслужи титула, но во спортот секогаш треба и среќа, а ние ја немавме на наша страна“, коментира Пенезиќ.
Таа беше една од подобрите ракометрки на Вардар и речиси редовно меѓу поефикасните. Сезонава игра за Шиофок, а со своите колешки се надеваше на трофеј во Купот на ЕХФ.