Сезоната во Бундес лигата како и во останатите земји низ Европа е прекината заради кризата со корона вирусот. Сè уште не се знае дали ќе се доиграат останатите натпревари, а плејмејкерот на Рајн Некар Левен има свој став за тоа.
„Сезоната треба да заврши без пласман, исто како воопшто да не се играло. Тоа е единствената разбирлива одлука. Ако се обидеме да ја спасиме оваа сезона, ќе ја загрозиме наредната. Да прекинеме со ова веќе и да ставиме крај“, коментираше Шмид.
Исто така за Швајцарецот неразбирлива е одлуката ЕХФ завршните турнири од Лигата на шампионите да ги презакаже за во август.
„Не може да се оствари тоа, Сандер Сагосен на лето треба да премине од ПСЖ во Кил. За која екипа ќе настапува тој доколку се играат натпреварите во август за ПСЖ или за Кил?“, забележа Шмид.
Во екипата на Рајн Некар до сега има седуммина заразени од корона вирусот, а Шмид и понатаму останува во карантин. Сепак иако е изолиран, Шмид продолжува со унапредување на своето ракометно знаење, овој пат во тренерските води.