Ракометната федерација на Македонија согласно одлуката на Владата, за преземање мерки за дополнителна заштита од Коронавирусот, донесе одлука да ги прекине шампионатите во пионерска, кадетска и младинска конкуренција во следните две седмици.
Клубовите веќе се известени, а новите датуми на одигрување на натпреварите ќе бидат одредени во следниот период.
„Почитувани спортски пријатели,
Согласно известувањето од страна на Владата на Република Северна Македонија, која на својата 15та Седница го разгледа Записникот од Четвртата седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 10ти Март 2020 година, Со Записник од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, во врска со потребата од преземање на дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус) и согласно предлозите изнесени во расправата на седниците со цел превенција и ширење на овој вирус, Владата усвои низа мерки, заклучоци и препораки.
Помеѓу усвоените мерки е и мерката за прекинување на сите вон училишни активности и други приватни активности кои децата ги извршуваат вон настава (посета на воспитно-образовни активности, курсеви, дополнителни часови, спортски тренинзи и слично), во наредните 14 дена.
Според горенаведеното Ве известуваме дека натпреварите во сите младински категории во систем на натпреварување на Ракометната Федерација на Македонија се одлагаат за следни 14 дена.
Со почит,
Ракометна Федерација на Македонија“