Одамна низ ракометните кругови актуелен е предлогот двата македонски претставници во СЕХА лигата да играат во регуларниот дел од сезоната во Суперлигата.
Претставникот на Металург, Филип Христов, прв се обрати пред присутните на Собранието на оваа тема.
„Дискутабилно е двата клуба кои играат во СЕХА, да не играат дома. Македонскиот ракомет ќе добие квалитет само ако се натпреваруваат на едно место. Така може да одиме напред, да поставиме прав систем, да имаме силна лига што нешто ќе значи на овие простори“, изјави Христов.
Претставникот на Вардар, Марко Савовски е против таа идеја и вели дека тоа не е фер кон играчите, а ќе има и хаос со термините.
„Ова е сериозен предлог. Вардар е најмногу засегнат од него, претпоставувам и Еурофарм Пелистер. Ние како клуб играме на три фронта, физички е невозможно да се направи распоред на три меча за една недела. Не е фер ниту кон играчите. Поради неусогласување на термините, ќе се прави хаос. Во ред е да се размсилува на таа тема, но во овој момент да се донесе одлука, ќе биде избрзано“, изјави Савовски.
Збор имаше и првиот човек на Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, вели дека треба да се состави стручна комисија која ќе ја разгледува оваа ситуација.
„Мислам дека тука не се работи за Вардар или Еурофарм Пелистер и дека некој од нас не сака да игра. Нас ова ни беше прва година во која учествувавме во ЛШ и во СЕХА. Едноставно, мислам дека физички е невозможно. Се согласувам наполно дека има простор, но тоа е процес на кој треба да се работи, односно да се види што одговара, а што не. Не би било фер со Суперлигата да ги спречиме Вардар и Еурофарм или било која друга екипа, да постигне успесите на европско ниво. Мој предлог е да размсилуваме сериозно, да има стручна комисија која ќе најде начин да разгледа како тоа ќе биде возможно“, изјави Стерјев.
Предлогот за камбек на екипите што играат во СЕХА во Суперлигата ќе се разгледува и понатаму, но најрано тој би можел да се случи во сезоната 2021/2022 година.
Се предложи и вторите клубови на најдобрите екипи, во случајов Вардар Јуниор, Еурофарм Пелистер 2 и Металург 2, во иднина да не играат во елитното друштво и тоа да биде забрането, затоа што има судир на интереси. Како тоа ќе биде применето во пракса останува да видиме.