Јотиќ за 24 Ракомет: Се боревме како лавови, ова беше „војна“ на теренот, но…

Интернационалецот од Хрватска, Ловро Јотиќ после натпреварот против Нексе е разочаран бидејќи тој и колегите не успеаја да се пласираат во четврт-финалето од СЕХА лигата и нема да имаат двобој против Вардар.

Еурофарм Пелистер денеска победи со 24:22, но поразот од 20:23 на првата пресметка во Нашице беше решавачка, па тоа одлучи за патникот во следната рунда од регионалното натпреварување.

„Имаше многу емоции во овој натпревар. Имавме желба да поминеме понатаму и се боревме како лавови од првата до последната минута. Им честитам на соиграчите без разлика што не успеавме да поминеме понатаму за ангажманот и борбата. Имавме притисок дека мораме да ги достигнеме овие три гола разлика и тоа како да ни влијаеше во текот на целата средба. Овој дуел мислам го загубивме на првиот натпревар. Моравме да го одработиме далеку подобро тој натпревар. Денеска беше навистина тешко. Секоја чест. Мислам дека досега никогаш не сум играл во ваква атмосфера“, изјави Јотиќ за 24 Ракомет.

Според него и овој натпревар не бил најдобар.

„Ова не беше убав натпревар. Имаше многу грешки и на двете страни. Кога играш вакви натпревари тоа едноставно е ’војна на теренот’. Не изгледа убаво, но тоа е ракометот“, коментираше Јотиќ.

После ова за Еурофарм Пелистер останува да се насочи кон домашното првенство, но до крајот на март има уште многу време така што ќе има простор за работа за дуелите против тимовите кои остануваат во трка за титулата во Супер машката лига.