Паралелно со Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, Азиското првенство во Кувајт, како и Африканскиот куп на нации, се одржува и првенството на Јужна и Средна Америка во Бразил.
Учествуваат шест селекции – Бразил, Аргентина, Чиле, Парагвај, Уругвај и Боливија и ќе играат без ден одмор секој со секого во пет дена по што ќе се добие првиот шампионат во оваа конкуренција.
На првиот ден победија фаворитите Аргентина и Бразил, додека мало изненадување е поразот на Чиле. Триумфот на Аргентина не е изненадување, но чудно звучи податокот дека против Боливија постигнаа дури 82 погодоци, а ривалот даде само седум!
Веројатно ова е рекорд кога се работи за број на постигнати погодоци на еден ракометен натпревар, не само на јужноамериканско тло, туку и на светско ниво. Најдобар стрелец беше Начо Пизаро со 20 голови.
Најдобрите четири селекции од овој шампионат ќе обезбедат место на Светското првенство во Египет следната година.
Резултати, 1 коло:
Аргентина – Боливија 82-7
Чиле – Уругвај 25-28
Бразил – Парагвај 46-19