Денеска веќе се комплетирани натпреварите од 5. коло во групата Б каде што тимовите на Кил и Келце исто како и Веспрем забележаа победи. Сепак, Кил и Келце го направија тоа на гостински терен.
Екипата на Кил забележа нова победа на уште едно тешко гостување, овој пат славеше кај шампионот од 2018 година, Монпелје со 33:30 (на полувреме 17:16). Составот од Германија потврди дека се наоѓа во најдобра форма на почетокот на сезоната. После домашниот нерешен исход со Келце на стартот од сезоната веќе оствари три гостински победи против главните конкуренти за првата позиција.
Кил имаше предност од првата минута се до резултат 20:20 кога за првпат домаќините израмнија. Следуваше добар период на Монпелје кој успеа да стигне и до три гола предност. Упорните ракометари на Кил не се предадоа и до крајот повторно го вратија водството во своја корист за голема победа.
Келце на гостувањето во Брест имаше сигурно издание и го совлада Мешков со 31:24. Избраниците на Талант Душебаев имаа целосна контрола на мечот, а уште на полувреме имаа високи шест предност од 15:9. Во вториот дел Мешков го подигна нивото на игра и успеа да намали на минус еден, но немаше сили за целосен пресврт.
Порто пропушти шанса за нов триумф во Лигата на шампионите против Мотор Запорожје на свој терен. Во последните моменти од натпреварот со голот на Сорока за израмнување на 35:35 Мотор освои голем бод на ова гостување.
После овие резултати, Кил е убедливо прв во Групата Б со девет поени, а има три повеќе од Веспрем, Монпелје и Вардар и четири повеќе од Келце.