Поранешната голманка на ЖРК Вардар, Амандин Лејно живее со нејзината партнерка Анабела и сосема отворено говореше на таа тема и за нивните близнаци. Лејно е светски шампион, европски шампион, олимписки вицешампион и дванаесеткратен шампион во националните првенства, но и една од најискрените спортистки. Пред две години, раѓањето на нивните близнаци Марсел и Мила им го промени животот.
„Децата станаа вистинска тема на разговор, практично се дел од тимот. Тие се родија предвреме, поминаа неколку месеци на интензивна нега, речиси ги изгубивме. Преку ова искушение станавме свесни колку сме среќни што сме живи, тоа ме преобрази. Поминавме многу тешки моменти но сега е добро“, изјави Лејно.
Партнерката на Лејно ги роди близнаците во Скопје, додека таа беше член на Вардар.
„Мојата партнерка Анабела ги роди нашите близнаци, но и јас ја преземам улогата на мајка од се срце. Да се биде мајка е улога на животот, имате поголема сила за своите деца отколку за себе, но близнаците се двојно повеќе работа. Имате две раце, не можете да ги носите истовремено, а секогаш имате впечаток дека не им давате доволно“, продолжи Французинката.
Таа никогаш не сакаше да се фали или да ја покажува во јавност нејзината партнерка.
„Не сакам да бидам етикетирана, јас сум личност задоволна и на теренот и во приватниот живот. Не се плашам од предрасуди. Моите најблиски го знаат тоа и ме сакаат каква што сум. Порано некои коментари ме повредуваа, но со тек на време научив да не ги прифаќам лично што многу ми помага да живеам целосно слободно“, говореше Лејно за нејзината животна определба.
Според Французинката најважно е децата да бидат опкружени со љубов.
„Марсел и Мила знаат дека имаат две мајки, многу ме повредува кога велат дека татко и мајка треба да одгледуваат дете. Најважно според мене е децата да бидат опкружени со луѓе кои ги сакаат. Ние сме две мајки кои се сакаат и тие тука не гледаат проблем. Општетвото се развива различно и некои луѓе не можат да ги замислат работите поинаку, но секој има право на избор како ќе живее.“, заврши Лејно.
Амандин Лејно по заминувањето од Вардар и од Скопје се реши да ја продолжи кариерата во Унгарија и веќе втора сезона е членка на европскиот првак Ѓер.