Репрезентацијата на Холандија за првпат во својата историја стана светски првак. Иако дојдоа како фаворити од позадина, сепак тоа не им пречеше да ја освојат титулата. Имаа и подеми и падови, но на крај заслужено победија со гол во последната секунда од пенал, 29-30.
Шпанките беа тие што се одлепија на поголема разлика во првиот дел. Беше 9-6, но упорните избранички на Емануел Мајонад набрзина израмнија на 9-9 во 16. минута. Седум минути двете селекции грешеа во нападот па немаше погодоци.
Потоа се играше гол за гол до 13-13, пред Вестер да се разбрани на холандскиот гол, а во нападот Полман лесно ја наоѓаше Снелдер на линијата, па сега Холанаѓанките беа тие што водеа со 13-16 на пауза. Треба да се одбележи и тоа што Шпанките промашија два удари од пенал.
Холандија имаше и плус пет во вториот дел, 16-21, но на десетина минути пред крајот Шпанија се врати на минус еден, 24-25 со головите на Фернандез и Лопез. Ван дер Хејден и Полман ја одржуваа Холандија во предност, иако Шпанките беа во налет во финишот на натпреварот.
Холанѓанките два пати ги спаси стативата, но ниту тие не погодија во следниот период, па “фуријата” на пет минути до крајот беше на минус еден, 27-28. Барбоса промаши за реми, но во следниот напад Лопез ја исправи нејзината грешка и израмни на 29-29.
Мајонад повика тајм-аут но Холандија погреши во нападот и останаа уште триесетина секунди за погодок на Шпанија. Барбоса избрза со шутот, Ернандез ја спречи Вестер да го почне нападот на Холандија и тоа беше црвен картон за неа, а со правилото за попречување изведување напад во последните 30 секунди, се казнува и со пенал.
Луис Абинг го реализираше седмерецот, па големата радост на Холанѓанките по победата со 29-30 можеше да почне.