Ракометни легенди: Штефан Кречмар (Германија)

Штефан Кречмар е германска и светска ракометна легенда. Тетовираната ракометна икона како што многумина го нарекуваат поради големиот број на тетоважи кои ги има и по кои беше препознатлив на ракометните терени, апсолутно заслужено влегува во овој наш избор на ракометни легенди. Штефан Кречмар настапуваше на позицијата лево крило и со својот широк репертоар на удари, атрактивни потези, лесниот начин на постигнување на голови буквално од невозможни позиции, беше еден од омилените ракометари на своето време.

во својот препознатлив скок

Штефан Кречмар е роден на 17 февруари 1973 година во Лајпциг. Љубовта кон ракометот ја наследува од своите родители кои исто така биле доста успешни професионални ракометари. Неговиот татко Питер Кречмар 66 пати го носел дресот на националниот тим на Источна Германија, а воедно бил и селектор на женската ракометна репрезентација. Неговата мајка Валтруд Кречмар била една од најдобрите ракометарки во репрезентацијата на Источна Германија токму под воство на својот сопруг, освојувајќи 2 медали на Олимписките игри ( сребрен медал, Монтреал 1976 година и бронзен медал, Москва 1980 година), а носител е и на 3 светски шампионски титули. Затоа не треба да не чуди фактот што малиот Штефан веќе на 6 годишна возраст започнува да се дружи со ракометната топка.

заедно со своите родители

Спортска кариера

Штефан на 6 години започнува да тренира во младинската школа на ракометниот клуб Динамо Берлин, со кој две години подоцна го освојува младинското првенство. Во тој период ги поминува и сите јуниорски и младински категории во својот тим.

Од 1991 до 1993 година ги брани боите на ракометниот клуб SV Blau-Weiß Spandau, кој во тој период направи фузија со Динамо Берлин.Тамо поминува успешни три сезони, во кои со 125 постигнати голови станува најдобар стрелец на клубот, и шести најдобар стрелец во Бундеслигата ( дивизија Север). Во 1993 година потпишува за екипата на Гумерзбах чиј тренер во тој период e Хајнер Бранд, кој 4 години подоцна ќе стане селектор на германската репрезентација.

gumersbah
на почеток на својата кариера во екипата на Гумерсбах

Дебито за германскиот национален тим го има на 8 октомври 1993 година на натпреварот против репрезентацијата на Швајцарија (25-21). Во сезоната 1993/94 со 142 постигнати голови беше најдобар стрелец во својата екипа. Како резултат на добрите игри во 1994 година за прв пат е избран за ракометар на годината во Германија. Истата година со националниот тим настапува на Европското првенство во Португалија каде го освојува 9-то место и воедно е избран во “ол-стар” тимот.

Во 1995 година продолжува со успешни настапи и на клупско и на репрезентативно ниво. Повторно е избран за ракометар на годината, и со 141 гол ја добива титулата најдобар стрелец во својот клуб.
Во 1996 година со репрезентацијата на Германија настапува на Олимписките игри во Атланта, но поради несогласување со новиот селектор Хајнер Бранд, беше отстранет од националниот тим.

Во 1996 година преминува во екипата на Магденбург каде ги постигнува најголемите клубски успеси. Најпрво го освојува германскиот супер куп. На 31 октомври 1997 година го има своето враќање во националниот тим во натпреварот против Норвешка. Една година подоцна на Европското првенство во Италија го освојува бронзениот медал и повторно е избран во “ол стар” тимот.

Во изборот за најдобар светски ракометар за 2000 година го освои второто место, веднаш зад својот соиграч од репрезентацијата, Даниел Штефан. На Европското првенство во Хрватска 2000 година Германија го освојува 9-то место, а Штефан Кречмар беше единствениот германски претставник во тимот на Европа против селекцијата на Словенија. Репрезентативните настапи ги продолжува истата година на Олимписките игри во Сиднеј (5-то место) и една година подоцна на Светското првенство во Франција(8-мо место).

На Европското првенство во Шведска 2002 година го освои сребрениот медал, а истата година со Магденбург беше вицешампион и во германскиот куп.
На 27 април 2002 година го постигнува својот најголем клубски успех освојувајки ја Лигата на шампионите. Во финалето Магденбург го совлада Веспрем со вкупен резултат 51-48 ( 23-21 победа за Веспрем во Унгарија) (30-25 победа  за Магденбург во Германија).

Европски шампион со екипата на Магдебург сезона 2001/2002

Со германскиот национален тим продолжува да биде во самиот врв на светскиот ракомет, најпрво освојувајки го третото место на Светското првенство во Шведска 2002 година, и сребрениот медал на Европското првенство во Португалија 2003 година. Во полуфиналето на Европското во Португалија, против репрезентацијата на Франција заработува повреда на прстот која го одалечи од ракометните терени подолго време. Поради операцијата на прстот Кречмар ја имаше таа несреќа да го пропушти Европското првенство во Словенија 2004, првенство во кои неговите соиграчи стигнаа до европската титула. Видно мотивиран и заздравен од повредата беше решен да освои уште еден златен медал, овојпат на Олимписките игри во Атина 2004 година. Германскиот национален тим одигра добро во Атина, успеа да се пласира во финалето каде беше запрен од силната хрватска селекција. Кречмар во својата колекција медали го додаде и среброто од Олимписките игри во Атина.

Освојувач на сребрен медал на Олимписките игри во Атина 2004 година

По долгата и успешна репрезентативна кариера тој решава да се повлече од репрезентацијата и да им го препушти своето место на помладите. Кречмар остави неизбришлив траг во германскиот национален тим одигрувајки 218 натпревари во кои постигна 821 гол.

На својата богата ракометна кариера и става крај во сезоната 2006/07, оставајќи импресивни достигнувања зад своето име. Во 421 одигран натпревар успеа да постигне 1694 голови. По официјалниот крај на својата кариера 30 јули 2007 година, на 1 јули 2007 година е поставен за спортски директор на Магденбург, функција која ќе ја извршува до 31 август 2009 година. По завршувањето на спортската кариера добива ангажман во медиумскиот простор како аналитичар на настапите на германскиот национален тим, и ко-коментатор на Герхард Делинг, функција која ја извршуваше на Светските и Европските првенства на кои настапуваше германската репрезентација.

Аналитичар и ко- коментатор на настапите на германскиот национален тим

Приватен живот

Покрај извонредната спортска кариера, Штефан Кречмар на јавноста и е добро познат и по својот љубовен живот.Во 1998 година најпрво стапува во брак со Кубанката Мариа Линарес со која има ќерка. Во 2003 година и официјално се разведува од неа, а во периодот од 2000 до 2004 година е врска со познатата германска пливачка Франциска Ван Алмсик. Потоа повторно стапува во врска со својата поранешна сопруга Мариа Линарес со која во 2008 година добива и син. Во 2009 година, двојката се венча по втор пат. Денес е во врска со својата девојка Даница.

Со својата поранешна сопруга Марија Линарес 1998 година
со познатата германска пливачка беше во врска од 2000 до 2004 година
Со својата ќерка Луси Мари

По најновите информации кои ни доаѓаат од Германија, Штефан Кречмар е еден од кандидатите за превземање на селекторското место на германскиот национален тим. Дали селекторското место во националната селекција ќе биде новата  функција на оваа ракометна легенда останува да видиме.