Досега во рубриката Ракометни легенди, имавме ракометари кои играа на позицијата централен бек (Џексон Ричардсон и Ирина Полторацкаја), и на позицијата лево крило (Штефан Кречмар). Овојпат ви го претставуваме еден од најдобрите ракометари, а за многумина и најдобар на позицијата десно крило,поранешниот хрватски репрезентативец Мирза Џомба.
Мирза Џомба е роден 27 јануари 1977 година. Неговите родители Мирсада и Менсур не претпоставувале дека нивниот син ќе ги достигне најголемите ракометни височини.Џомба беше еден од најдобрите хрватски ракометари на сите времиња и поранешен репрезентативец на Хрватска, еден од најдобрите на својата позиција, играч кој пленеше со својата брзина, голем одраз, виртуозност,харизма. Во својата земја има статус на ракометна икона, а таква репутација ужива и во светски рамки.Во својата блескава кариера има освоено 29 национални титули, седум пати има играно во финалето на Лигата на шампионите, но само еднаш го има освоено шампионскиот пехар(сезона 2005/06, Сиудад Реал), а избран е и во најдобрата осумка ( седум + еден одбранбен ракометар) во Лигата на шампионите на сите времиња.
КЛУПСКА КАРИЕРА
Талентот на Мирза Џомба прв го открил неговиот наставник од ОУ” Иво Лола Рибар”, Вено Џонлиќ.
Мирза беше голем талент. Паметен, интересен дечко, кој учеше многу брзо. Беше прекрасно да се работи со него, секогаш со голема леснотија ги одработуваше тренинзите, а тоа беше голем мотив за мене
– со задоволство се потсетува Џонлиќ.
Мирза Џомба ја започна својата ракометна приказна во родниот град Риека, настапувајки во екипата на РК Замет. Во РК Замет настапува до 1996 година, кога добива понуда од хрватскиот ракометен бренд тогашен РК Бадел Загреб, што воедно претставува сон за секој млад и перспективен хрватски ракометар. Понудената шанса ја користи на најдобар можен начин, и со екипата на Бадел Загреб во период од пет години колку што ги бранеше боите на популарните “лавови” успеа да ги освои сите домашни титули (пет првенства и пет купови), а три години по ред (1997, 1998, 1999) играше и во финалето на Лигата на шампионите каде беше поразен од во тој момент неприкосновената Барселона.
2001 е година за почеток на интернационалната кариера на Мирза Џомба. Унгарскиот гигант Фотекс Веспрем го доведе во своите редови, а интересно за нас е што беше клупски колега на Кирил Лазаров кој исто така во тој периот ги бранеше боите на унгарскиот клуб. И во екипата на Фотекс Веспрем ја имаше истата судбина, каде успеа да ги освои домашните титули, но повторно немаше среќа да ја освои Лигата на шампионите, иако и овојпат играше финале против германски Магденбург во 2002 година.
Џомба останува во Веспрем до 2004 година, по што решава да се пресели во Шпанија, во екипата на Сиудад Реал. Тоа дефинитивно беше одличен потег бидејки со шпанскиот клуб Мирза Џомба успеа да ја освои Лигата на шампионите (2005 година, Сиудад Реал-Портланд Сан Антонио вкупни 62:47),титулата во ИХФ Супер Глоуб натпреварувањето, како и Првенството и Суперкупот на Шпанија.
Летото 2007 година, Џомба се враќа во Хрватска, потпишувајки за својот поранешен клуб Кроација Осигурање Загреб, каде настапува три сезони до 2010 година. Со Загреб повторно ги освојува сите домашни натпреварувања, а има и забележителни настапи во Лигата на шампионите играјки во нокаут фазата.
По одиграните три сезони во Загреб, повторно заминува во странство овојпат во редовите на полски Киелце. Во Полска успева да го освои купот, и да се пласира во финалето каде неговата екипа е поразена од големиот ривал Висла Плок со 3-1 во серијата подобар од пет.
РЕПРЕЗЕНТАТИВНА КАРИЕРА
Покрај одличната клупска кариера, Мирза Џомба може да се пофали и со извонредни репрезентативни успеси. Во дресот на “каубоите” е освојувач на два златни (Светско Првенство, Португалија, 2003 година и Олимписки Игри, Атина, 2004 година) и два сребрени медали (Светско Првенство, Тунис, 2005 година и Европско Првенство, Норвешка, 2008 година).
Во 185 одиграни натпревари има постигнато 719 голови. На Европското првенство во 2004 година во Словенија посебно ја презентираше својата артилерија кога беше избран за најдобар стрелец на првенството со 46 постигнати погодоци. Истата година е избран во идеалниот состав на Олимписките Игри во Атина. Како член на Хрватската ракометна репрезентација во 2004 година ја добива државната награда за спорт “Фрањо Бучар”.
Мирза Џомба го најави своето повлекување од ракометниот терен во август 2011 година на 34 годишна возраст.
На пријателскиот натпревар одигран пред неколку дена помеѓу екипите на Загреб и Замет, РК Загреб и официјално со пригодна свеченост се прости од една од своите најголеми ракометни звезди кои го носеле плавиот дрес, Мирза Џомба.
ПРИВАТЕН ЖИВОТ
Мирза Џомба од 2010 година е во среќен брак со познатата хрватска водителка Белма Хоџиќ со која ја има ќеркичката Уна. Живее во Риека а риболовот е негово хоби во кое ужива и често го практикува по завршувањето на својата ракометна кариера. Започна и свој бизнис во светот на градежништвото, а паралелно се надева на враќање во ракометот во својот матичен клуб Замет или ракометната академија.